Општина Илинден инвестира во современа механизација и професионална опрема за поефикасни комунални услуги

Макфакс

15/07/2026

11:00

154

Големина на фонт

а а а

Општина Илинден вложува во модерна механизација и професионална опрема за подобрување на комуналните услуги и условите за работа, со акцент на еколошки и енергетски поефикасни алати што овозможуваат заштита на животната средина и намалување на трошоците.

Општина Илинден продолжува со инвестиции во нова современа механизација и професионална опрема, со цел унапредување на квалитетот на комуналните услуги, подобрување на условите за работа на вработените и поефикасно одржување на јавните површини и инфраструктурата.

Во таа насока, во изминатиот период, за потребите на Јавното комунално претпријатие „Илинден“, набавени се батериски коси – тримери, батериска телескопска пила за сечење гранки со додаток за кастрење жива ограда, батериска дувалка, батериска косилка, како и батерии и полначи. Со оваа инвестиција постепено се заменува дел од бензинската механизација со еколошки и енергетски поефикасни алати, кои не испуштаат штетни емисии, имаат значително пониско ниво на бучава и не бараат употреба на гориво и масла. На тој начин се придонесува кон заштита на животната средина, но и кон намалување на трошоците за одржување на опремата.

Професионални машини и опрема за одржување

Во рамки на набавката обезбедена е и професионална машина за чистење подови, која ќе се користи за одржување на спортската сала. Со оглед дека салата е во фаза на реновирање, новата машина ќе овозможи поефикасно одржување на подната површина, повисоко ниво на хигиена и подобри услови за користење на спортскиот објект, истовремено олеснувајќи ја работата на вработените.

Дополнително, набавена е и професионална опрема за обработка и заварување на метал, која вклучува МИГ/МАГ CO₂ апарат за заварување, комбиниран МИГ/МАГ CO₂ и рачен електролачен апарат, отсечна пила за прецизно сечење метал и акумулаторна аголна брусилка.

Оваа опрема ќе овозможи изведување на поголем број интервенции со сопствени ресурси, меѓу кои поправка на надградби на комунални возила, метални садови за отпад, реквизити и заштитни огради на детски и спортски игралишта, како и санација на заштитни огради на мостови и друга комунална инфраструктура.

Со овие инвестиции, Општина Илинден продолжува да вложува во модернизација на комуналните капацитети, обезбедувајќи поквалитетни, поефикасни и поодржливи услуги во интерес на сите граѓани.