Вардар покажа карактер и успеа да го совлада Купс на негов терен во Финска, но ова не беше доволно за пласман во второто квалификациско коло на Лигата на шампионите.
„Црвено-црните“ славеа со 3-2 по 120 минути игра, меѓутоа пораз во Скопје од 2-0 беше пресуден за да противникот се пласира во наредната фаза.
Тренерот Кристијан Фабијани е задоволен од тоа како неговиот тим се претстави и потенцираше дека единствената разлика меѓу нив и Купс е таа што Финците се во натпреварувачка форма бидејќи нивниот шампионат е во тек.
- Предноста на Купс пред овој двомеч како што кажав и претходно беше што играат активно во првенството, веќе имаат повеќе од 10 официјални натпревари. Ние со овој дуел имаме само два официјални меча зад себе и дојдовме од подготовки за кои се покажа дека на нив добро сме се подготвиле – одигравме еден добар меч и квалитетни 120 минути. Успеавме да победиме на вештачка подлога, но, за наша жал, недоволно за следна фаза во ЛШ. Покажавме добра фудбалска партија, одигравме добар фудбал против КуПС и сега се фокусираме на следните дуели, - изјави Аргентинецот.
Вардар сега се сели во квалификациите за Конференциската лига каде следните две недели ќе се сретне со летонскиот првак Рига.






