Даниел Кокотајло, поранешен вработен во „OpenAI“ и еден од авторите на сценариото „AI 2027“, објави нов документ во кој предлага како да се избегнат најцрните сценарија за развојот на вештачката интелигенција.
За разлика од неговата претходна работа, која предупредуваше на можноста за исчезнување на човештвото или концентрација на моќта во рацете на еден владетел, новото сценарио нуди можен пат кон побезбедна иднина и предлага решенија како да се избегне „судниот ден“.
Документот, насловен „AI 2040: Plan A“, кој го објави непрофитната организација „AI Futures Project“, предлага државите да постигнат меѓународен договор со кој развојот на вештачка интелигенција што ќе биде поспособна од кој било човек би се одложил до 2040 година.
Авторите сметаат дека таквата пауза би овозможила развој на поефикасни безбедносни механизми и воспоставување меѓународни правила, пред AI да достигне ниво што би можело да претставува сериозен ризик за човештвото.

Сепак, одложувањето на развојот е само дел од нивниот предлог.
„Plan A“ предвидува и поголема транспарентност од водечките AI компании. Авторите сметаат дека компаниите треба да ѝ овозможат на јавноста пристап до напредните модели кои денес ги користат исклучиво за внатрешно тестирање, како и поотворено да споделуваат информации за нивните можности.
„Предвидуваме дека на компаниите ова нема да им се допадне“, изјави Кокотајло, пренесува „The Washington Post“.

По мрачното сценарио следува пооптимистична визија
Минатата година Кокотајло привлече големо внимание со сценариото „AI 2027“, во кое опиша како трката меѓу Соединетите Американски Држави и Кина во развојот на вештачката интелигенција би можела да заврши катастрофално – или со исчезнување на човечкиот вид, или со воспоставување глобална власт концентрирана во рацете на еден единствен актер.
Документот предизвика бројни дебати меѓу експертите, но и во политичките кругови.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс минатата година призна дека го прочитал документот „AI 2027“ и дека „сето тоа сериозно го загрижува“.

Според Кокотајло, многу од проценките изнесени во „AI 2027“, кои во моментот на објавувањето звучеле претерано или малку веројатно, денес сè почесто се споменуваат во технолошката индустрија како реална можност.
Неговата желба е и предлозите од новиот документ да станат дел од политичките дебати, пред развојот на вештачката интелигенција да излезе од контрола.
„Ќе дојде момент кога претседателот на Соединетите Американски Држави ќе почувствува вистинска паника поради вештачката интелигенција. Се надевам дека тогаш поими како ’Plan A‘ веќе ќе бидат дел од јавната дебата“, заклучи Кокотајло.














