„Вештачката интелигенција ви ги зема податоците, а вие уште и плаќате за тоа“

Точка

14/07/2026

20:26

494

Големина на фонт

а а а

Од врвот на „Microsoft“ пристигна предупредување до компаниите за влијанието на вештачката интелигенција (AI).

Извршниот директор на „Microsoft“, Сатја Надела, ги предупреди компаниите што користат вештачка интелигенција дека би можеле да ја изгубат контролата врз своите највредни деловни информации, додека истовремено плаќаат за користење на AI услугите.

Во објава на својот блог, Надела предупреди дека корисниците на големите AI модели, како оние што ги развиваат „OpenAI“ и „Anthropic“, не плаќаат само за користење на технологијата, туку истовремено потенцијално им отстапуваат на производителите на моделите вредни податоци за своето работење, пренесува „TechCrunch“.


„Компаниите, во суштина, плаќаат за интелигенцијата двапати – еднаш со пари, а вторпат со нешто уште повредно, знаењето што мора да го откријат за таа интелигенција да биде корисна“, наведува Надела.

Според него, овие информации можат да претставуваат специфично деловно знаење што конкурентите никогаш не би можеле да го купат на пазарот.


Надела смета дека компаниите кои развиваат вештачка интелигенција не можат истовремено да бараат слобода за користење на јавно достапни податоци за обука на своите модели, а во исто време на другите компании да им ја ограничуваат можноста да ги анализираат и користат резултатите од тие модели за развој на сопствени системи.

Тој особено ги критикуваше ситуациите во кои производителите на AI модели го задржуваат правото да учат од податоците што произлегуваат од користењето на нивните услуги.


Извршниот директор на „Microsoft“ порача дека компаниите мора да задржат целосна контрола врз своите податоци и дека не треба да бидат зависни исклучиво од еден производител на AI технологија.