„Ова треба да го загрижи секој пациент“: Медицински сестри излегоа на улица откако добија отказ поради вештачка интелигенција

Точка

13/07/2026

19:39

597

Големина на фонт

а а а

Група од 12 медицински сестри од болницата Монтефиоре во Бронкс останаа без работа откако, според тврдењата на нивниот синдикат, нивните административни задачи ги презел систем базиран на вештачка интелигенција (AI).

Овој случај предизвика бурни реакции во американскиот здравствен сектор и повторно го отвори прашањето колку далеку болниците можат да одат во автоматизацијата на работните процеси.

Отказ по речиси четири децении работа

Меѓу отпуштените е и Мерилин Шулер, медицинска сестра која речиси 39 години работела на проверка на медицинската документација и комуникација со осигурителните компании околу одобрувањето на трошоците за лекување.

Таа вели дека веста за отказот ја доживеала како голем шок.

„Секогаш бев горда што работам во оваа установа. Начинот на кој бевме третирани е навистина разочарувачки и покажува непочитување кон вработените“, изјави Шулер.


Синдикатот: AI не смее да ги замени медицинските професионалци

Од Синдикатот на медицински сестри на државата Њујорк (NYSNA) тврдат дека болницата ги заменила медицинските сестри со AI софтвер, што, според нив, претставува прекршување на колективниот договор, изборен по големиот штрајк на здравствените работници во Њујорк на почетокот на 2026 година.

Според синдикатот, новиот договор содржел одредби кои го ограничуваат начинот на кој работодавачите можат да воведуваат вештачка интелигенција во работните процеси.

Претставниците на синдикатот предупредуваат дека ова не е само прашање на работни места, туку и на безбедноста на пациентите.

„Ова треба да го загрижи секој здравствен работник и секој пациент на кој му е важен квалитетот на здравствената заштита“, порачаа од "NYSNA".


Промените биле воведени без објаснување

Медицинските сестри тврдат дека веднаш по завршувањето на штрајкот се вратиле на работа и затекнале целосно поинаков начин на функционирање.

Како што наведуваат, повеќепати побарале објаснување од управата на болницата, но не добиле никаков одговор.

Наместо тоа, кон крајот на мај сите 12 вработени добиле известување дека за 45 дена ќе останат без работа, пренесува „NY Times“.

Болницата ги негира обвинувањата

Од болницата Монтефиоре ги отфрлаат тврдењата на синдикатот дека AI ги заменил медицинските сестри во клиничката работа.

Во соопштението наведуваат дека новата технологија се користи исклучиво за административни процеси поврзани со обработка на документација, а целта е подобрување на ефикасноста на работењето, а не замена на здравствената нега.

Од болницата додаваат дека ќе продолжат да инвестираат во нови технологии со цел да ги подобрат услугите и резултатите од лекувањето на пациентите.


AI како помош, а не како замена

Отпуштените медицински сестри нагласуваат дека не се против примената на новите технологии во здравството, но сметаат дека вештачката интелигенција не може да го замени искуството на здравствените работници.

Како што посочуваат, нивната работа често подразбира сложена комуникација со лекари, пациенти и осигурителни компании, вклучувајќи промени во терапијата, планирање на отпуст од болница и решавање специфични административни проблеми.

„Вештачката интелигенција може да биде корисна алатка, но не треба да ги замени стручните лица. Проблемот настанува кога новата технологија се воведува без доволно докази дека може безбедно да ги извршува ваквите задачи“, порача Шулер.


Пошироко прашање за здравствениот сектор

Овој случај претставува еден од првите јавно познати спорови во кои синдикат тврди дека медицински работници останале без работа поради воведување на AI технологија.

Исходот од спорот би можел да стане важен преседан за идната примена на вештачката интелигенција во болниците, особено кога станува збор за границата меѓу автоматизацијата на административните задачи и зачувувањето на стручниот надзор во здравствената заштита.