Фиби Гејтс сака да ја изгради својата компанија за онлајн купување базирана на вештачка интелигенција (AI), но без една работа во презентациите пред инвеститорите – своето презиме. Најмладата, 23-годишна ќерка на милијардерот и основач на „Microsoft“, Бил Гејтс, и филантропката Мелинда Френч Гејтс, досега обезбеди повеќе од 43 милиони долари инвестиции за својата компанија „Phia“, чија вредност сега се проценува на околу 185 милиони долари.
Сепак, таа е решена проектот да успее самостојно, „без каква било поврзаност со мојата привилегија или моето презиме“, изјави Фиби Гејтс за „Yahoo Finance“ во поткастот „Opening Bid Unfiltered“, во епизода објавена во февруари.
„Имам инает и постојана потреба да се докажувам“, рече таа, објаснувајќи дека сака да покаже дека може да обезбеди приватен капитал во Силиконската Долина благодарение на сопствените способности, а не поради семејното име.
Нејзините изјави дојдоа во период кога повторно беа актуелизирани информациите за врските на нејзиниот татко со Џефри Епстин, иако претставниците на Бил Гејтс повеќепати ги демантираа сите наводи за негова вмешаност.
Фиби Гејтс не ги коментираше тие тврдења, но Мелинда Френч Гејтс претходно годинава изјави дека нејзиниот поранешен сопруг „мора да даде одговор“ за споменувањето во документите поврзани со Епстин. Тоа се случи само неколку недели откако беше откриено дека Мелинда добила 8 милијарди долари за својата филантропска организација „Pivotal“, како дел од договорот за развод.
И покрај тоа, Фиби Гејтс јавно призна дека многу научила од својот татко.
„Од татко ми научив дека тимот е суштината на сè што градиш. Не можеш да направиш ништо без извонреден тим“, изјави таа.

Како Фиби Гејтс го гради својот пат
Фиби Гејтс е коосновач на „Phia“, AI асистент за онлајн купување што го разви заедно со својата цимерка од Универзитетот Стенфорд, Софија Кијани.
Асистентот се интегрира во интернет-прелистувачи како „Chrome“ и „Safari“, каде што во реално време ги споредува цените и бара најдобри понуди меѓу десетици илјади интернет-продавници и платформи за препродажба.
Практично, функционира како личен ловец на попусти. На пример, ако корисник разгледува фустан вреден 200 долари на страницата на брендот „Anthropologie“, „Phia“ автоматски може да пронајде исти или слични производи кај продавачи на половна облека по значително пониска цена.
„Нашата целна група е млада жена која работи напорно и внимава како ги троши своите пари. Таа сака паметно да купува, но не сака да губи време на тоа“, изјави Фиби Гејтс за списанието „Fortune“ во април 2025 година.

Обвинувања за онлајн измама
Оваа недела „Bloomberg“ објави дека екстензијата на „Phia“ наводно си припишувала заслуги за онлајн продажби што всушност не ги иницирала.
Според извештајот, станува збор за практика во "affiliate" маркетингот позната како „cookie stuffing“, односно тајно додавање сопствен реферален код при купување.
„Bloomberg“, кој ја тестирал екстензијата на повеќе од 50 веб-страници заедно со „Capital One Shopping“ и независниот истражувач Бен Еделман, наведува дека „Phia“ во позадина автоматски отворала нов таб и вметнувала сопствен реферален код непосредно пред плаќањето. На тој начин се поништувале легитимните препораки на други партнери, што е спротивно на правилата на многу "affiliate" мрежи, пренесува списанието „Fortune“.
Портпарол на „Phia“ за „Bloomberg“ изјави дека компанијата била известена дека неодамнешно ажурирање на кодот предизвикало погрешно припишување на продажби кај мал број корисници и дека проблемот веќе е отстранет.
По повторното тестирање, „Bloomberg“ потврдил дека екстензијата повеќе не ги презема автоматски заслугите за кликнувањата.

Брз раст на стартапот
Стартапот со седиште во Њујорк ја лансираше својата апликација во 2025 година, а за само неколку месеци забележа стотици илјади преземања, во време кога инвеститорите масовно вложуваат во AI агенти кои автоматизираат различни дигитални задачи.
Последната инвестициска рунда од 35 милиони долари, предводена од „Notable Capital“, со учество на „Kleiner Perkins“ и „Khosla Ventures“, ја зголеми вредноста на „Phia“ на околу 185 милиони долари, помалку од една година по почетната seed инвестиција од 8 милиони долари.

Без финансиска помош од родителите
Фиби Гејтс и Софија Кијани првите идеи за стартапот ги развивале во студентската соба на Стенфорд, тестирајќи различни концепти пред конечно да се одлучат за алатка наменета за потрошувачите.
Проектот ги обединил интересот на Фиби Гејтс за економско зајакнување на жените, инспириран од нејзината мајка, и фокусот на Кијани на одржливоста.
Во согласност со нејзината желба да изгради сопствен бизнис без привилегиите што ги носи презимето Гејтс, таа не прифатила финансиска поддршка од своите родители. Наместо тоа, инсистирала капиталот да го обезбеди од надворешни инвеститори, иако, како што признава, многумина и понатаму повеќе се интересираат за нејзиниот приватен живот отколку за нејзината компанија.
Таа и Софија Кијани открија дека инвеститорите дури ги прашувале што ќе се случи со компанијата ако во иднина добијат деца.
„Инвеститорите постојано нè прашуваат: ’Што ќе се случи кога ќе станете мајки?‘ Се сеќавам дека еднаш плачев поради тоа. Ја повикав мајка ми, а таа ми рече: ’Исправи се или излези од играта, сестро‘. Тоа ми остана во глава“, раскажа Фиби Гејтс во поткастот „Call Her Daddy“, објавен во април 2025 година.
Токму таа реченица денес ја потсетува да продолжи напред додека води состаноци со инвеститори и истовремено се обидува да ги отфрли обвинувањата дека е само уште едно „nepo baby“.
„Мојот инает и желбата да се докажам не се само за да покажам дека можам. Сакам да создадам нешто ново, уникатно и нешто што потрошувачите навистина ќе го сакаат“, порача Фиби Гејтс.












