„Geely“ претстави вистински монструм со 1.113 коњски сили: Новиот SUV сака да им ги помати сметките на „Defender“ и „Land Cruiser“

Точка

13/07/2026

16:52

671

Големина на фонт

а а а

„Geely“ го претстави новиот "Galaxy Cruiser 700", теренец инспириран од моделите „Land Rover Defender“ и „Toyota Land Cruiser“, а неговата технологија го вбројува меѓу најмоќните SUV модели во светот.

За погонот е задолжена комбинација од 2,0-литарски турбобензински мотор и дури три електромотори – еден напред и два назад. Вкупната системска моќност изнесува импресивни 1.113 коњски сили, што е повеќе од двојно во однос на најмоќниот „Defender Octa“, кој располага со 533 коњски сили.


Станува збор за "plug-in хибрид", кој благодарение на батеријата со капацитет од 70 kWh и 900-волтната електрична архитектура, може да помине до 350 километри исклучиво на електричен погон. „Geely“ засега не објави податоци за брзината на полнење, но се очекува поддршка за исклучително брзо дополнување на батеријата.


Покрај огромната моќност, "Galaxy Cruiser 700" носи и напредни теренски способности. Опремен е со интелигентен погон на сите четири тркала, управуван од вештачка интелигенција, со можност за возење со преден, заден или погон на сите тркала.


Достапни се и активна распределба на вртежниот момент, таканаречената функција „crab walk“, која овозможува дијагонално движење, како и вртење во место, слично на тенк.


Дизајнот го карактеризираат робусни линии, осветлено лого на „Geely“, црвени куки за влечење, изразени крила над тркалата, "LiDAR" сензор поставен на покривот и резервно тркало сместено на задната врата.


Внатрешноста ги следи современите трендови, па во централниот дел на контролната табла доминира голем екран на мултимедијалниот систем. Посебно внимание привлекуваат масивната рачка на менувачот, металните ротирачки прекинувачи и големиот број физички команди, што особено ќе го ценат љубителите на теренското возење.


„Geely“ засега не соопшти кога "Galaxy Cruiser 700" ќе пристигне на пазарот, ниту колку ќе чини, но јасно е дека кинеските производители продолжуваат да ја подигаат летвичката во сегментот на електрифицираните теренци.