Германскиот производител на автомобили „Volkswagen“ би можел да укине уште околу 50.000 работни места ширум светот за да остане конкурентен во однос на трошоците во споредба со своите главни ривали, изјави извршниот директор на компанијата Оливер Блуме во интерна порака до вработените.
Како што пренесува „Reuters“, Блуме во пораката навел дека „Volkswagen“ во моментов има трошковен хендикеп од околу 20 проценти во споредба со другите споредливи производители на автомобили.
Според него, таа разлика математички одговара на „теоретско намалување“ од дополнителни 50.000 вработени ширум светот.

„Во моментов проценуваме, низ сите брендови, компании и региони, колку од овие приспособувања навистина се неопходни и изводливи“, навел Блуме во меморандумот.
Германските медиуми претходно предупредуваа дека „Volkswagen“ би можел да донесе одлука за затворање на четири фабрики во Германија, како и за укинување на до 100.000 работни места ширум светот.

Главниот проблем на „Volkswagen“ е послабата продажба на клучните пазари, особено во Кина и Соединетите Американски Држави.
Продажбата на „Volkswagen“ во вториот квартал од 2026 година паднала за 8,6 проценти на годишно ниво, на нешто помалку од 2,1 милион испорачани возила, при што особено изразен е падот на продажбата во Кина, соопшти компанијата минатата недела.

Испораките на возила на основниот бренд „Volkswagen“ се намалиле за 14 проценти на годишно ниво, на околу еден милион возила, додека „Audi“ пријавил пад од осум проценти, а „Porsche“ дури 18 проценти.




