Некои луѓе можат да го поминат целото лето без речиси ниту едно каснување од комарец, додека други стануваат нивна лесна мета веднаш штом излезат надвор. Причината, сепак, не е „слатката крв“, како што често се верува, туку комбинацијата од мирисот на кожата, здивот, телесната температура и генетиката, пишува „BBC“.
Комарците ги откриваат своите жртви многу пред да слетаат на кожата. Во тоа им помагаат јаглеродниот диоксид што го издишуваме, телесната топлина, потта и хемиските соединенија што ги создаваат бактериите на нашата кожа.
Јаглеродниот диоксид ги привлекува комарците
Луѓето ги касаат само женките на комарците, бидејќи протеините од крвта им се неопходни за развој на јајцата. Потенцијалните жртви можат да ги препознаат од оддалеченост од околу 10 метри, користејќи ги видот и сетилото за мирис.
Еден од најважните сигнали е јаглеродниот диоксид што го издишуваме. Поради тоа, возрасните луѓе можат да бидат попривлечни за комарците од децата, бидејќи издишуваат поголеми количини од овој гас.
Истиот принцип се користи и кај замките за комарци, во кои се употребува сув мраз или јаглероден диоксид од боци.

Телесната топлина дополнително ги привлекува
Истражувањата покажале дека комарците ги привлекуваат и топлината и влажноста, а јаглеродниот диоксид дополнително ја зголемува нивната чувствителност кон топлото човечко тело.
Поради забрзаниот метаболизам, повисоката телесна температура и побрзото дишење, бремените жени можат да бидат значително попривлечни за комарците отколку жените кои не се бремени.
Истото важи и за луѓето кои вежбаат. За време и непосредно по физичката активност, телото произведува повеќе топлина, пот и јаглероден диоксид, поради што комарците полесно ја пронаоѓаат својата цел.
Лицата со покрупна телесна градба исто така можат да привлекуваат повеќе комарци, бидејќи во просек создаваат повеќе топлина и издишуваат поголеми количини јаглероден диоксид.
Митот за „слатката крв“
Истражувачите го отфрлија широко распространетиот мит дека комарците почесто ги касаат луѓето со „слатка крв“. Одлучувачки не е вкусот на крвта, туку единствениот мирис на кожата кај секој човек.
Бактериите што живеат на кожата ги разградуваат јаглехидратите, масните киселини и други материи, создавајќи испарливи хемиски соединенија што комарците лесно ги препознаваат. На човечката кожа постојат повеќе од 500 вакви соединенија, а токму нивната комбинација одредува колку сме привлечни за комарците.
Особено ги привлекуваат амонијакот, млечната киселина и карбоксилните киселини. Значи, не станува збор за „слатка крв“, туку за мирисот што го создаваат нашата кожа, потта и микроорганизмите што живеат на неа.

Некои луѓе ги привлекуваат и до сто пати повеќе
Истражувачи од Универзитетот „Рокфелер“ ги анализирале мирисите на кожата кај 64 лица, кои неколку часа носеле најлонски навлаки. Потоа комарците имале можност да избираат помеѓу примероците од мирисите и покажале јасна наклонетост кон луѓето кои на кожата имале поголеми количества карбоксилни киселини.
Најпривлечната личност во истражувањето привлекувала комарци дури 100 пати повеќе од најмалку привлечната. Овие разлики останале речиси непроменети и по неколку години, без оглед на промените во начинот на живот.
Тоа укажува дека склоноста кон каснувања во голема мера е генетски предодредена.
Важна улога има и генетиката
Истражувањата спроведени на близнаци покажале дека еднојајчените близнаци биле речиси подеднакво привлечни за комарците, додека кај двојачните близнаци постоеле значителни разлики.
Ова сугерира дека мирисот на кожата и чувствителноста на каснувања можат да бидат наследни.
Генетиката влијае и на начинот на кој телото реагира по каснувањето. Некои луѓе добиваат големи, црвени и силно чешачки отоци, додека други речиси и не забележуваат дека биле каснати.
Поради тоа, лицето кое има посилна реакција може да има впечаток дека комарците го касаат почесто, иако е можно само неговото тело поинтензивно да реагира.

Како да се заштитите?
Доказите дека лукот или витаминот Б ги одбиваат комарците се многу слаби или нецелосни.
Експертите препорачуваат користење на проверени средства против комарци кои содржат DEET, пикаридин или PMD, како и носење долги ракави и долги панталони, особено во периодите кога комарците се најактивни.
Заштитните средства со текот на времето го губат своето дејство, особено поради потењето, па затоа треба повторно да се нанесуваат според упатствата на производителот.
Без разлика дали некој смета дека комарците ретко го касаат, заштитата и понатаму е важна. Некои луѓе можат да бидат каснати, а притоа речиси воопшто да не забележат никаква реакција.











