Шест мистериозни метални топки, кои изминатите денови беа пронајдени на брегот на северен Квинсленд во Австралија, најверојатно се делови од странска ракета што неодамна се вратила од орбитата.
Шесте необични метални објекти биле исфрлени на брегот кај местото Форест Бич, северно од Таунсвил, во периодот од петок до недела. Граѓани ги забележале на плажата, по што на терен излегле полицијата и противпожарните служби, кои воспоставиле безбедносна зона со радиус од 50 метри околу секој предмет, поради сомнеж дека би можеле да содржат опасни хемикалии.
Австралиската вселенска агенција соопшти дека пронајдените предмети изгледаат како резервоари под притисок од вселенска ракета.
„Агенцијата го идентификуваше нивниот најверојатен извор. Местото каде што беа пронајдени и нивните карактеристики одговараат на остатоци од странска ракета која неодамна повторно влезе во Земјината атмосфера по престојот во орбитата“, се наведува во соопштението.
Се додава дека австралиските власти продолжуваат да соработуваат со меѓународните институции за официјално да утврдат за која ракета станува збор и од која држава потекнува.

Што всушност се „вселенските топки“?
Експертите објаснуваат дека станува збор за таканаречени „space balls“, односно сферични резервоари под притисок што служат за складирање гориво во ракетите. Тие се изработени од легура на титаниум и се проектирани да издржат екстремно високи температури, поради што можат да го преживеат преминувањето низ Земјината атмосфера.
Професорката Алис Горман од Универзитетот „Флиндерс“, експерт за вселенски отпад, истакна дека фактот што резервоарите останале целосно сочувани не значи дека при лансирањето на ракетата дошло до каков било дефект.

Кој е сопственик на пронајдените објекти?
Според Договорот на Обединетите нации за вселената од 1967 година, државата што ја лансирала ракетата го задржува сопствеништвото над нејзините делови, дури и кога тие ќе паднат на територијата на друга држава.
Тоа значи дека Австралија, откако ќе го утврди потеклото на објектите, ќе мора да стапи во контакт со државата што ја лансирала ракетата, за да се одлучи дали таа сака да ги преземе пронајдените делови.
Сличен случај се случи и во 2023 година, кога дел од индиска ракета беше пронајден на брегот на Западна Австралија, но тогаш Индија не побара негово враќање.

Предупредување до граѓаните
Австралиската вселенска агенција предупреди дека постои можност на брегот да се појават и други делови од вселенски отпад.
На граѓаните им е препорачано да не ги допираат, да не ги поместуваат и да не се обидуваат да ги отстранат сомнителните предмети, туку веднаш да се оддалечат и да ги известат надлежните служби.
Според достапните податоци, досега е забележан само еден случај во кој човек бил погоден од вселенски отпад. Во 1997 година, Американката Лоти Вилијамс била погодена во рамото од парче фиберглас што припаѓало на ракетата „Delta II“, но при тој инцидент не претрпела никакви повреди.












