Концерт, филмски проекции, изложба и претстава на Скопско лето

Макфакс

09/07/2026

10:00

164

Големина на фонт

а а а

На Скопско лето деновиве ќе се одржат концерт, филмски проекции, изложба на современа фотографија и детска театарска претстава. Настаните се организирани на повеќе локации во Скопје со цел да понудат разновидна културна програма за посетителите.

Концерт, филмски проекции, изложба и претстава се на репертоарот денеска и утре на Скопско лето.

Вечерва (09.07.2026г. – четврток), со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан ќе се одржи концерт со нова музика на „Next to Silence“.

На овој самостоен концерт, „Next to Silence“ ќе го претстават својот најнов албум. Тој е сочинет од шест наративни точки кои звучно илустрираат различни поимања на светот. Доследни на својата луцидност и мајевтика, тие во овие композиции се осврнуваат на надменоста, солидарноста, привидот, аромите, долговечноста и чедноста. На својот настап, „Next to Silence“ ќе ја изведат оваа тематска целина преку музика која посегнува до најжестоките, но и до најсуптилните сонични искуства.

Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Исто така, вечерва, започнува и Кинотеката на Скопско лето, со проекција на филмови на Стефан Сидовски – Сидо, настан кој ќе се одржи во Кинотека на Македонија со почеток во 20:15 часот.

Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Утре (10.07.2026г. – петок), има три настани на програмата на Скопско лето.

Со почеток во 20:00 часот во Музеј на град Скопје ќе се одигра детска театарска претстава „Тетка Марулка“ на Независниот театар Хит, чиј автор и режисер е Сашо Ристовски.

„Тетка Марулка“ е најактуелната претстава за деца која е исполнета со многу комични, интерактивни и едукативни елементи. Целото дејство се случува во дворот на Тетка Марулка, која успева на сите да им докаже дека само со домашна одгледувана и приготвена храна може да си го сочуваме нашето здравје и здравјето на сите. Низ многу комични моменти децата ќе уживаат во најпопуларната детска претстава „Тетка Марулка“ во продукција на Театар Хит Скопје, заедно со јунаците од истата.

Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Со почеток во 20:15 часот, во рамки на Кинотека на Скопско лето, во Кинотека на Македонија ќе се прикаже филмот „Најдолгиот пат“ во режија на Бранко Гапо.

Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Со почеток во 21:00 часот во Културно информативниот центар, а во соработка со Зрно Фестивал, ќе се отвори меѓународна изложба на современа фотографија. Овој настан претставува избор на дела од автори од тринаесет земји, обединети преку различни современи фотографски и визуелни практики.

Преку документарни, концептуални и експериментални пристапи, изложените дела отвораат теми поврзани со меморијата, идентитетот, просторот и секојдневниот живот. Изложбата создава простор за дијалог меѓу различни визуелни јазици и културни искуства, претставувајќи пресек на актуелните текови во современата фотографија.