Пирнејското дерби меѓу Шпанија и Португалија се очекува да биде едно од „најжешките“ во осминафиналната рунда на Светското првенство, не само поради близината на двете земји, туку и поради големото ривалство кое го негуваат низ децениите.
Португалија ја доби последната битка во финалето на Лигата на нации во пенал рулет и тој натпревар беше исклучително израмнет, а од поновата мундијалската историја, за издвојување се оние 3:3 од 2018-та година, како и победата на Шпанија од 1:0 на патот до првата светска титула во 2010-та година.
Гледајќи поединечно, Португалија има еден од најдобрите состави во светот, но кога е тимскиот дел во прашање, тука мала предност има Шпанија и затоа „фуријата“ влегува со блага фаворитска улога.
Актерите на двата тима направија интересни најави за тоа што следи утре во Тексас, а посебно онаа на првиот шпански голман, Унаи Симон.
Чуварот на мрежата реши да зборува за најголемата опасност која доаѓа од противничкиот табор, односно за капитенот Кристијано Роналдо кој и натаму решета во петтата деценија од животот.
– Роналдо не е ист како пред шест или седум години кога беше во најдобрите денови, но мора да го држиме надвор од шеснаесетникот. Кристијано е играч кој може да биде одлучувачки во секој момент во шеснаесетникот. На последниот меч во Лигата на нации, ја претвори во гол единствената топка која ја доби во шеснаесетникот. Тој има неверојатна глад за постигнување голови и секој би го посакал во својот тим, – изјави Симон.






