„Fiat“ претстави цела низа нови концепти и специјални изведби наменети за урбана мобилност, но најголемо внимание привлече новата „Multiplina“.
Станува збор за целосно ново електрично градско возило, кое треба да биде попрактично од „Topolino“, да понуди четири седишта и да стане своевидна врска помеѓу четирициклот и класичниот автомобил.
Покрај него, „Fiat“ ги претстави и новите верзии на „Topolino“, специјална колекционерска серија развиена во соработка со модниот бренд „Vilebrequin“, како и патничката верзија на електричната трицикла „TRIS“.

Враќање на легендарното име
Новиот модел засега го носи работното име „Multiplina“, а со него „Fiat“ му оддава почит на легендарниот „600 Multipla“ од 1956 година, еден од првите компактни моноволумени во светот.
Генералниот директор на „Fiat“ и „Abarth“, Оливие Франсоа, уште претходно најави дека сака повторно да го врати името „Multipla“ во современо издание, а сега и официјално е потврдено дека токму овој автомобил ќе стане важен дел од идната понуда на брендот.
Од „Fiat“ го опишуваат како „алката што недостасуваше помеѓу „Topolino“ и автомобилот“.

Четири седишта и поголема моќност
Според досега познатите информации, „Multiplina“ нема да биде дел од идната семејна линија на мали електрични автомобили на „Stellantis“, туку ќе биде развиен како четирицикл од категоријата L7e.
Тоа значи дека нема да ги има ограничувањата како „Fiat Topolino“ или „Citroën Ami“, кои располагаат со моќност до 6 kW и максимална брзина од 45 km/h.
Благодарение на помоќниот погон, „Multiplina“ без проблем ќе може да превезува четири патници, ќе биде погоден и за возење надвор од градските средини, а ќе понуди и побогата опрема.
Меѓу очекуваните содржини се споменуваат клима-уред, две врати, поместлив платнен покрив, како и пространа кабина со четири седишта.
Своето прво јавно претставување моделот би можел да го има веќе на Саемот за автомобили во Париз во октомври 2026 година, додека почетокот на продажбата се очекува во текот на 2028 година.

Новиот „Topolino Sport“
Истовремено, „Fiat“ ја претстави и новата изведба „Topolino Sport“, инспирирана од легендарниот „Nuova 500 Sport“ од 1958 година.
Моделот е наменет за помладите купувачи и носи четири нови бои на каросеријата, три комбинации декоративни налепници и бројни црни детали, како што се куќиштата на ретровизорите, рамките на светлата и алуминиумските тркала.
Во внатрешноста се наоѓаат црни седишта, „Dolcevita Box“ со изглед на карбонски влакна, нови безбедносни појаси, како и „Monsterlino“ Bluetooth звучник, развиен во соработка со компанијата „Monster“.

Специјална серија со потписот на „Vilebrequin“
Посебно внимание привлекува и „Topolino Vilebrequin Collector’s Edition“, кој ќе биде произведен во само 200 примероци за пазарите во Италија и Франција.
Моделот има преклоплив платнен покрив, двобојна каросерија инспирирана од морето, хромиран заден носач, како и логото на „Vilebrequin“ во форма на желка на возачката врата.
Кабината нуди бели седишта украсени со мотиви на сини желки, бели безбедносни појаси и подни облоги кои потсетуваат на дрвена палуба на луксузна јахта.

„TRIS“ стана патничко возило
„Fiat“ го претстави и „TRIS Dolcevita Concept“, патничката верзија на електричнниот трицикл „TRIS“.
Инспириран од легендарниот „Fiat 500 Jolly“, овој модел е наменет за хотели, туристички дестинации и одморалишта.
Наместо товарен простор, сега располага со задна клупа за патници, платнен покрив и отворена каросерија, која дополнително го нагласува медитеранскиот стил.














