Што е „суво давење“: Симптомите што се појавуваат неколку часа по капењето може да бидат кобни

Точка

02/07/2026

21:14

434

Големина на фонт

а а а

Терминот „суво давење“ често се користи и предизвикува страв кај родителите, но лекарите предупредуваат дека не станува збор за официјална медицинска дијагноза и објаснуваат за што точно се работи.

Имено, проблемите со дишењето по излегувањето од вода можат да бидат сериозни и бараат внимание.

„Сувото давење“, познато и како секундарно или одложено давење, опишува состојба во која лицето по контакт со вода развива респираторни тегоби. Најчесто се споменува кај децата, но може да се појави кај секој што вдишал дури и мала количина вода.

Според податоците на организацијата „Nationwide Children's“, повеќе од 95 проценти од децата кои имале инцидент во вода целосно закрепнуваат без последици. Сепак, мал процент може да развие симптоми неколку часа подоцна, поради што експертите советуваат претпазливост и следење на состојбата.


Како доаѓа до проблемот?

По вдишувањето вода може да дојде до иритација на белите дробови, оштетување на нивното ткиво или нарушување на размената на кислород. Во некои случаи се јавува и ларингоспазам – ненадеен грч на гласните жици кој привремено го блокира дишењето. Исто така, може да дојде до насобирање течност во белите дробови, што дополнително го отежнува дишењето.

Симптоми што не смеат да се игнорираат

Знаците на проблем најчесто се појавуваат веднаш по излегувањето од вода, но понекогаш можат да се развијат и во текот на следните неколку часа. Особено обрнете внимание на:

• отежнато или забрзано дишење;
• упорна кашлица;
• болка во градите;
• необјаснива поспаност или исцрпеност;
• раздразливост или промени во однесувањето.

Доколку забележите кој било од овие симптоми, неопходно е веднаш да побарате медицинска помош.

Што да направите во случај на сомневање?

Лекарите нагласуваат дека секое сомневање за компликации по престој во вода е причина за лекарски преглед. Ако детето или возрасното лице имаат проблеми со дишењето, потребно е веднаш да се повика Итна медицинска помош.

Во меѓувреме, важно е да останете смирени, бидејќи паниката може дополнително да ја влоши состојбата. Во потешки случаи, кога лицето не дише или е без свест, потребно е да се започне со реанимација додека не пристигне стручна медицинска помош.


Превенцијата е клучна

Иако ваквите компликации се ретки, давењето и понатаму претставува една од водечките причини за смртни случаи од несреќи кај децата. Експертите советуваат:

• постојан надзор на децата во вода, дури и кога се во када;
• користење спасувачки елек;
• избегнување пливање без надзор;
• обука за укажување прва помош и реанимација.

„Сувото давење“ можеби не е медицински термин, но проблемите со дишењето по престој во вода се реална и потенцијално опасна појава. Навремената реакција и внимателното следење на симптомите можат да направат клучна разлика и да спасат живот.