[ФОТО] Едно од најголемите археолошки богатства изложено во Рим

Точка

01/07/2026

11:22

301

Големина на фонт

а а а

Едно од најзначајните дела на етрурската уметност вчера беше изложено како дел од постојаната поставка на римскиот Национален етрурски музеј „Вила Џулија“, откако италијанската влада ја откупи Франсоа гробницата со фреските.

Познатата гробница била пронајдена на имотот на аристократското семејство Торлонија во 1857 година, па фреските сè до денес останале скриени од очите на јавноста во нивната приватна колекција, пренесе Ројтерс.

За серијата познати фрески од централната просторија на гробницата, насликани помеѓу 340 и 320 година пред новата ера, италијанската влада издвоила 15 милиони евра.


„Гробницата Франсоа е едно од најголемите археолошки богатства, особено кога станува збор за етрурската култура. Таа сведочи за семејствата, хероите, боговите и воините од тоа време“, изјавила Луана Тониоло, директорка на музејот „Вила Џулија“.

Таа додала дека исклучително важно е и тоа што делата прикажуваат мотиви од грчките митови што ги опишува Хомер, но преработени на автентичен етрурски начин.


Меѓу најпознатите сцени се издвојуваат жртвувањето на тројанските заробеници од страна на Ахил, како и моментот кога војникот Мастарна го ослободува етрурскиот благородник.

Римскиот цар Клавдиј подоцна го идентификувал Мастарна како Сервиј Тулиј, шестиот крал на Рим, за што експертите наведуваат дека тоа е единствениот познат портрет на римски крал.


По повод отворањето на оваа единствена изложба, европските музеи ѝ ги позајмиле споменатите предмети на „Вила Џулија“, па тие сега, за првпат по повеќе од 160 години, повторно се изложени на едно место, заедно со фреските.

Гробницата Франсоа, наречена по археологот кој ја открил во 1857 година, била богато украсена погребна комора во древниот град Вулци, северно од Рим, кој се сметал за еден од центрите на моќта на етрурската цивилизација.


Етрурците доминирале со големи делови од централна Италија пред подемот на стариот Рим, оставајќи длабока трага во обликувањето на раната римска религија, култура и архитектура.


Дел од вредниот инвентар на гробницата, вклучувајќи грчки вазни, накит и бронзени предмети, бил распродаден уште во 19 век и денес се чува во водечките светски музеи како Лувр и Британскиот музеј, додека семејството Торлонија ги задржало само ѕидните слики.