Судбината посака Германија и Франција да одат сличен пат на Светското првенство, а како две селекции кои секогаш атакуваат на највисок дострел, јасно е дека некој нема да гледаме веќе во четвртфиналето.
Програмираниот дуел меѓу Франција и Германија е предвиден за осминафиналето и тоа ќе се случи ако двата тима ги оправдаат фаворитските улоги против Шведска и Парагвај, па бидејќи цела јавност очекува такво нешто, веќе почнаа и најави за мега европското дерби.
Како актуелни вицешампиони и далеку подобар и покомпактен тим на последните два мундијали, Франција ќе има улога на фаворит, но и покрај тоа што фудбалот во безброј наврати покажал дека не смеат да се потценат Германците, Гери Линекер едноставно не верува во овој тим на Јулијан Нагелсман.
Линекер е човекот кој ја има смислено легендарната изрека за Германците (фудбалот е спорт во кој на крајот секогаш победува Германија), но три децении подоцна, славниот напаѓач нема така високо мислење за „Ди Маншафт“.
– Сметам дека ова е еден од најслабите тимови на Германија кои сум ги гледал во животот. Франција треба да стигне до четвртфинале без никакви проблеми. Германија живее врз она што го изгради во минатото, потсетете се дека не ги минаа групните фази на двете последни Светски првенства. Сметам дека сите во Франција можат мирно да спијат во пресрет на потенцијалниот дуел со Германија, – порача Линекер.







