Алжир и Австрија одиграа еден од највозбудливите натпревари во групната фаза, но конечниот епилог фрли и црна дамка на Светското првенство, од едноставна причина што двата тима изгледаа опуштено како да го имаат договорено конечниот исход.
Иако настана тензија по голот на Ријад Марез за 3:2 во 93-та минута, работите брзо се стабилизираа и Австрија погоди преку Калајџиќ за 3:3, а бидејќи ова сценарио според многумина беше наместено, во фокусот се најде и искрената изјава на алжирскиот фудбалер.
Марез беше доволно искрен за да признае дека ситуацијата била чудна и помалку срамна, но посочи дека едноставно морал да изреагира фудаблски и да постигне гол за 3:2 кога добил топка во празно.
Австријците на големо му забележуваа за тоа што стрелаше во судиското продолжение, меѓутоа на крајот неговиот гол очигледно не го расипа „пактот“ кој го имаа двете репрезентации.
– Во завршницата ние ја ширевме играта, а тие се повлекоа. Во самата завршница, добив топка во празно и морав да изреагирам, морав да го испочитувам фудбалот. Знам дека ситуацијата изгледаше помалку срамно, но топката ми дојде пред голманот и морав да шутирам, морав да се обидам да дадам гол.
– Знам дека изгледаше непријатно за нив, но тоа е фудбалот и морав да го испочитувам. Добра работа е што на крајот и тие постигнаа гол и што двете селекции одиме понатаму, тоа е најважно, – изјави Марез.







