Три стогодишнички, сестри од Бразил чија вкупна возраст изнесува 316 години, им помагаат на истражувачите кои се занимаваат со долговечност.
Проектот „DNK Longevo“, студија што ја предводи научничката Мајана Зац од Универзитетот во Сао Пауло, има цел да ги истражи биолошките фактори на стареењето, пренесе „Ројтерс“.

Резултатите добиени од случајот на трите сестри стогодишнички од Бразил би можеле да им помогнат на научниците подобро да разберат зошто некои луѓе остануваат физички и когнитивно отпорни и во исклучително длабока старост.
„Со ДНК-тестирањата бараме заштитни гени, а знаеме дека ги има повеќе. Колку повеќе запознаваме луѓе кои имаат над 100 години, особено семејства со повеќе стогодишници, толку попрецизни ќе бидат нашите истражувања“ изјавила Зац.


Таа потврдила дека научниците веруваат оти наследните фактори можат да имаат поголема улога од факторите на околината во зачувувањето на здравјето и виталноста во подоцнежните години.

Сестрите Зулина де Деус Нунес (103), Зораиде де Деус Мота (104) и Левита де Деус Нунес (109), кои живеат во Рио де Жанеиро, биле идентификувани преку организацијата „LongeviQuest“, глобална организација која ги потврдува рекордите за долговечност и соработува со Гинисовата книга на рекорди.

„Кога сестри ќе доживеат толкава старост, јасно е дека постои силен генетски фактор. Но, тие живеат блиску една до друга, имаат и мрежа на поддршка, семејство кое може да помогне кога е потребно. Дефинитивно постои и заеднички, семеен аспект“ истакнал Бен Мајерс, извршниот директор на „LongeviQuest“.

Трите сестри својата долговечност ја припишуваат на здравата исхрана и активниот начин на живот.










