Фестивалот "Скопје Синема Сити" на 26 и 27 јуни во МКЦ претставува документарен омаж на влијателните музички револуционери како Мајлс Дејвис, Duran Duran и Kraftwerk, со програма исполнета со филмови кои ја раскажуваат нивната приказна и културното влијание.
Скопје оваа петок и сабота ќе стане место каде што музиката ќе се гледа, а филмот ќе се слуша. Од безвременскиот џез на Мајлс Дејвис, преку поп-феноменот Duran Duran, до електронската револуција на Kraftwerk – 12. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ на 26 и 27 јуни во кино „Фросина“ при Младинскиот културен центар ќе понуди две вечери исполнети со извонредни музички приказни, легендарни имиња и незаборавни филмски доживувања.
Фестивалот, кој веќе дванаесет години е единствена домашна платформа посветена на музичкиот документаризам, повторно ја носи публиката зад сцената на големите музички имиња, откривајќи ги луѓето, идеите и културните пресврти што стојат зад нивните дела.
„Скопје Синема Сити“ годинава отвора значајно поглавје со одбележување на 100 години од раѓањето на Мајлс Дејвис, еден од највлијателните музичари на 20 век и личност која неколкупати го промени текот на современата музика.
Отворање со омаж на Мајлс Дејвис
Фестивалот започнува на 26 јуни (петок) со отворање на изложбата на студентите од академијата „Бреинстер“ во 19 часот, кои активно учествуваа во креирањето на визуелниот идентитет на фестивалот. Авторка на официјалниот фестивалски постер е младата дизајнерка Јана Андреевска.
Во 20 часот следува проекцијата на документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, впечатлив портрет на човекот кој никогаш не прифаќаше ограничувања и постојано создаваше нови музички хоризонти. Преку ретки архивски снимки, легендарни настапи и сведоштва на неговите најблиски соработници, филмот ја открива сложената личност зад митот за џез-визионерот.
Од MTV генерацијата до електронската иднина
Втората фестивалска вечер, на 27 јуни (сабота), е резервирана за две музички приказни што оставија неизбришлива трага во популарната култура.
Во 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Duran Duran: Behind the Music“, кој го следи подемот на британскиот бенд што стана симбол на MTV генерацијата и една од најголемите поп-рок сензации на осумдесеттите години.
Веднаш потоа, во 21 часот, публиката ќе има можност да го проследи „Kraftwerk: Pop Art“, филм посветен на германските музички визионери кои ја поставија основата на електронската музика и засекогаш го променија начинот на кој звучи современата поп, техно и хип-хоп сцена.
Музиката како културна историја
Според директорот на фестивалот Ненад Георгиевски, овогодинешната програма е внимателно селектирана за да покаже како музиката може да биде двигател на општествени и културни промени.
„Овие филмови не зборуваат само за музика. Тие зборуваат за луѓе кои имале храброст да создадат нешто ново и да го променат светот околу себе. Од Мајлс Дејвис до Крафтверк, станува збор за автори чие влијание и денес се чувствува во секој жанр и во секоја генерација музичари. Токму затоа сметаме дека ова издание носи програма која ќе ги заинтересира и љубителите на музиката и љубителите на добриот документарен филм“, вели Георгиевски.
Координаторката на фестивалот Ана Василевска истакнува дека „Скопје Синема Сити“ и понатаму останува простор за средба на различни генерации и уметнички перспективи.
„Она што го прави фестивалот посебен е фактот што секој филм отвора врата кон еден поширок културен контекст. Публиката не доаѓа само да гледа документарец, туку да ја почувствува енергијата на едно време, на една сцена и на луѓето што оставиле трајна трага во културата. Особено сме среќни што годинава во програмата активно ги вклучуваме и младите автори од академијата ‘Бреинстер’, бидејќи токму тие се идните носители на новите креативни јазици“, вели Василевска.
Во текот на изминатите дванаесет години, „Скопје Синема Сити“ се етаблираше како единствен фестивалски простор во земјава посветен на музичкиот документаризам – место каде што музичките легенди добиваат нова димензија, а нивните приказни оживуваат на големото платно.
Програма
26 јуни (петок)
· 19:00 – Отворање на изложба на студентите од академијата „Бреинстер“
· 20:00 – Miles Davis: Birth of the Cool
27 јуни (сабота)
· 20:00 – Duran Duran: Behind the Music
· 21:00 – Kraftwerk: Pop Art
Билетите се достапни преку продажната мрежа на МК Тикетс.















