[ВИДЕО] Големиот пожар во Зелениково се доближи до куќите, спречена е катастрофа

Макфакс

16/08/2026

11:21

370

Големина на фонт

а а а

Пожарот кој се приближи до куќите во Зелениково предизвика голема паника меѓу жителите, но благодарение на брзата реакција на пожарникарите, општината и доброволците, опасноста од катастрофа беше спречена.

Паника во текот на ноќта ги вознемирила жителите на Зелениково, откако пожар се приближил до куќите во последниот ред на ридот над населеното место. За драматичната ситуација во текот на ноќта информираше Стојанче Ангелов, кој бил повикан од жителка околу 2 часот по полноќ.

Ангелов веднаш го известил дежурниот пожарникар во Скопје, од каде му било потврдено дека за пожарот веќе знаат и дека противпожарно возило од станицата во Драчево е упатено кон локацијата.

Во тој момент Ангелов се наоѓал на патот низ ловиштето Јасен, по враќањето од Македонски Брод, но веднаш се упатил кон Зелениково. Околу половина час подоцна пристигнал на критичното место.

Во меѓувреме, за пожарот бил известен и градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, кој веднаш го активирал општинското противпожарно возило и со него пристигнал во близина на куќите. На терен дошле и членови на доброволното противпожарно друштво од Зелениково.

Заедно со жителите, пожарникарите започнале со гаснење на огнот кој се приближувал кон домовите. Дополнителна заштита обезбедиле и самите жители, кои претходно на неколку места прскале со вода и отстранувале грмушки и дрвја кои можеле да го олеснат ширењето на огнот.

Со заеднички ангажман, пожарот бил запрен пред да стигне до првите куќи.

Ангелов упати благодарност до градоначалникот Маневски, жителите, доброволните пожарникари и скопските пожарникари, чие возило, како што наведува, пристигнало за кратко време.

Тој со доброволните пожарникари договорил нивно вклучување во Тимовите за брз одговор на ДЗС, како и обезбедување заштитни униформи, противпожарни метли за нивниот иден огнен тим.