Под отвореното небо во амбиентот на винаријата „Камник“, македонската дизајнерка Љупка Митрова ја претстави својата најнова колекција насловена „Гола меморија“, во рамки на моден настан кој привлече бројни гости од јавниот и естрадниот живот.
Наместо класична модна ревија во затворен простор, вечерта беше внимателно осмислена како уникатно визуелно доживување. Во романтичниот амбиент на „Камник“, гостите беа пречекани со елегантна атмосфера исполнета со свеќи, лустери, раскошни бели цветни аранжмани и дрес-код во светли тонови, што дополнително ја нагласи концептуалната приказна на вечерта.

Посебен впечаток остави самата писта, која беше поставена меѓу публиката, овозможувајќи моделите да поминуваат непосредно покрај гостите. Таквиот концепт создаде интимна атмосфера и овозможи секој детал од креациите да биде доживеан одблиску.
Новата колекција „Гола меморија“ визуелно се движи помеѓу „bridal“ естетика, „couture“ мода и изразена женственост. Доминираа нежни бели, „ivory“, „nude“ и крем нијанси, но претставени низ силни, архитектонски форми и впечатливи силуети.
На модната писта продефилираа креации со волуменозни здолништа, корсетирани линии, високи јаки, транспарентни текстури, бисери, кристали, реси и материјали кои создаваа динамика под вечерните светла.
Една од манекенките која остави голем впечаток пред присутните е младата Бојана Нушкова.

Бојана Нушкова е една од попознатите млади македонски манекенки и модели од Скопје, која во последните години привлекува големо внимание на домашната модна и естрадна сцена. Таа е активна на македонската модна сцена веќе повеќе години и има работено со домашни модни брендови, фотографи и дизајнери.

Бојана е доста активна и на социјалната мрежа Инстаграм, каде редовно објавува професионални фотосесии, модни едиторијали, фитнес и „lifestyle“ содржини.
Па, така таа и овојпат објави фотографии од модната ревија на Митрова, каде еден од најатрактивните модели беше токму Бојана.

















