Македонски Телеком и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ започнуваат стратешко партнерство со кое најголемата спортска сала во земјата добива ново име и нов идентитет и станува Т Арена.
Т Арената во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ наскоро ќе добие нов визуелен изглед со препознатливата магента боја на Т брендот и на надворешниот и во внатрешниот простор на салата. Телеком веќе 25 години ја поврзува Македонија преку најдобрата мрежа, а преку ова партнерство ќе овозможи нови моменти што ги поврзуваат луѓето: спортски успеси, незаборавни концерти и врвни настани.
„Т Арена е многу повеќе од ново име. Таа е симбол на нашата долгорочна посветеност кон заедницата и кон вредностите што ги обединуваат луѓето – спортот, културата и заедничките искуства. Горди сме што стануваме дел од оваа приказна и веруваме дека ова ќе донесе нова енергија, нови можности и дополнителна вредност за посетителите и за целата јавност“, изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Оваа соработка е продолжение на долгогодишната определба на Македонски Телеком да инвестира во проекти коишто придонесуваат за развојот на општеството и создаваат позитивно влијание во заедницата. Ваков вид на партнерство со значајни спортски објекти од страна на водечки компании е одамна воспоставено во светот, а со Т Арена, Македонија се приклучува кон оваа успешна традиција.

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ со години е домаќин на најголемите спортски натпревари, концерти, саеми, фестивали и бројни културни настани и има големо значење за јавниот живот во земјата.
„Партнерството со Македонски Телеком отвора ново и возбудливо поглавје во развојот на нашиот спортски центар. Заедно ќе работиме на унапредување на искуството за посетителите, привлекување нови настани и дополнително позиционирање на арената како регионален центар за спорт, култура и забава. Сигурни сме дека Т Арена ќе стане уште посилен симбол на современа Македонија и место каде што ќе се создаваат нови големи приказни“, изјави Данијел Апостолоски, директор на СЦ „Борис Трајковски“.
Македонски Телеком е важен чинител во дигиталната трансформација на земјата, вложува во најдобрата инфраструктура и ги носи најновите технологии, за што во последниве 25 години се инвестирани повеќе од 1,19 милијарди евра, а со децении е дел од најголемите спортски, културни и општествено важни настани и иницијативи.
Официјалната промоција на новата Т-Арена ќе биде одбележана со музички настан за сите граѓани во Македонија за кој ќе следат повеќе детали.











