Осомничениот за пожарот кај бугарската амбасада се гони за загрозување лица под меѓународна заштита

Макфакс

19/06/2026

14:30

328

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство против организиран криминал отвори истрага за лице осомничено дека го загрозило животот на лица под меѓународна заштита со опожарување на возила пред бугарската амбасада во Скопје.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе истрага против едно лице осомничено за кривичното дело загрозување лица под меѓународна заштита, поврзано со опожарувањето на возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Предметот бил преземен од Основното јавно обвинителство Скопје, кое при постапувањето по пријавата за предизвикување општа опасност дошло до сознанија што упатуваат на можни елементи на кривичното дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“, по што предметот бил доставен на надлежно постапување до ОЈО ГОКК.

Според обвинителството, постои основано сомнение дека осомничениот на 15 јуни годинава, со опожарување на возила што ги користеле военото аташе на Бугарија во земјава и други вработени во амбасадата, создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.

Од ОЈО ГОКК посочуваат дека станува збор за кривично дело од областа на делата против човечноста и меѓународното право, кое произлегува од Конвенцијата на Обединетите нации за заштита на меѓународно заштитени лица, вклучително и дипломатски претставници.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување притвор во траење од 30 дена за осомничениот, на кого претходно му бил одреден осумдневен притвор во скратена постапка.