Пратеникот Бране Петрушевски упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека слепо ги прифаќа бугарските барања и диктати со цел да дојде на власт. Тој го опиша Филипче како надградена верзија на Зоран Заев која прифаќа идентитетски отстапки и повика на заштита на македонскиот национален идентитет.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ги прифаќа бугарските барања со цел да дојде на власт.
Според Петрушевски, Филипче е надградена верзија на политиките на поранешниот премиер Зоран Заев и, како што рече, е подготвен на нови идентитетски отстапки.
„Додека СДС беше на власт, Венко Филипче и Зоран Заев, жедни и лакоми за ден повеќе на власт, прифатија и потпишаа бланко бел лист хартија со Бугарија. СДС, Филипче и Заев ветуваа живот за сите, со богати граѓани, европско здравство и образование, модерна и просперитетна Македонија, а донесоа само криминал, уништување на се што е македонско и создадоа проблем таму каде што немаше. Откако не исполнија ниту едно ветување, мислеа дека ако потпишат се што ќе им се даде, ако коленичат и ги гланцаат чевлите на некој европски бирократ тоа ќе им донесе победа на избори и така ќе останат на власт. Сега од опозиција Филипче е надградена верзија на тој владејачки СДС и слепо прифаќа се што доаѓа од Бугарија, повтоено во надеж дека некој друг, а не граѓаните со глас на избори, ќе го донесат на власт“, рече Петрушевски.
Во обраќањето тој порача дека политичката поддршка се добива од граѓаните на избори, а не преку поддршка од странски држави, додавајќи дека е потребно единство за заштита на македонскиот национален идентитет.
„Нема пазарење со македонскиот идентитет“, порача Петрушевски на крајот од прес-конференцијата.











