Иранската фудбалска репрезентација им оддаде почит на 168-те загинати лица — претежно девојчиња — кои настрадаа во смртоносниот напад врз основно училиште во Минаб на 28 февруари.
Иранската репрезентација пристигна во својот камп за Светското првенство во Мексико носејќи златни значки со натпис „#168“, оддавајќи им почит на жртвите од смртоносниот ракетен напад врз основно училиште на југот на Иран — настан што во земјата стана еден од најсилните симболи на војната со Соединетите Држави и Израел, пишува „New Arab“.

Фудбалерите во неделата допатувале од Турција во пограничниот мексикански град Тихуана, облечени во сакоа и бели маици. На секое сако имало мала златна значка што ја носеле додека пред зори се качувале во тимскиот автобус.
Бројот 168 се однесува на бројот на луѓе кои загинале кога на 28 февруари било погодено основното училиште „Шаџарех Тајебех“ во јужниот ирански пристаништен град Минаб.

Во Иран одговорноста за нападот широко им се припишува на Соединетите Држави, а се случи во раните фази на актуелниот конфликт на Блискиот Исток.
Според наводите на агенцијата Асошиејтед Прес, воздушниот напад бил насочен кон основното училиште „Шаџарех Тајебех“, а огромното мнозинство од загинатите биле деца.
Нападот, според достапните податоци, имал најголем забележан број цивилни жртви од почетокот на војната, поради што подоцна беше критикуван од Обединетите нации и бројни организации за човекови права.
За многу Иранци, бројот 168 стана симбол на цивилните жртви на војната и еден од најпрепознатливите потсетници на трагедијата што ја погоди земјата за време на конфликтот.

Иран синоќа одигра 2:2 против Нов Зеланд во својот прв натпревар на Мундијалот, а на трибините можеше да се види транспарент „Минаб 168“ за време на прославата на иранските голови.














