Најголемата римска бања во историјата на Холандија откриено на градилиште

Точка

16/06/2026

16:07

357

Големина на фонт

а а а

Холандски археолози за време на ископувања на градилиште на станбен комплекс во Најмеген, откриле речиси недопрен дел од римска бања стара околу 1.900 години, заедно со остатоци од улици, куќи и десетици илјади историски предмети, соопшти градската управа.

Ова откритие се смета за најголем комплекс на римски терми досега пронајден во Холандија, а меѓу пронајдените предмети има накит, монети, бронзена биста на римскиот бог на виното Бахус и стотици коскени шноли што биле „користени за сложени фризури на римските дами“. Тоа укажува на луксузниот живот на жителите на римскиот град Улпија Новиомагус пред околу 1.900 години.


„Внатрешните ѕидови на бањата биле обложени со мермер, додека подовите биле направени од црно-бели варовнички плочки. Во другите простории ѕидовите биле украсени со шарено насликан малтер. Декоративни украси од варовник и песочник биле вградени во фасадите“, се наведува во соопштението на градската управа.

Бањата е исклучително добро зачувана; големи делови од одводните канали и подовите сè уште се сочувани, како и два камени темели високи до два метри и бетонски под со низа столбови од тули, кои биле дел од хипокаустот (римскиот систем за подно греење).


„Ова се меѓу најдобро зачуваните римски ѕидини во Најмеген. Ископувањата покажуваат дека овој римски град бил во целосна употреба сè до длабоко во 3 век од нашата ера. Тоа се однесува и на бањата и на зградите северно од неа, покрај реката“, наведува Управата.


На продолжувањето на животот на римскиот град во 3 век особено укажуваат монетите на царот Постум (260 до 269 година од нашата ера) како и монетите на неговите непосредни претходници и наследници, кои се многу ретки во другите делови од локалитетот.


Градската управа одлучила да ги зачува древните ѕидови и да ги направи видливи под новата градба, додека дел од предметите ќе бидат изложени во градската куќа на Најмеген од 29 јуни, пренесе Танјуг.