Македонија и Северна Рајна-Вестфалија ја продлабочуваат соработката во економијата, образованието и културата

Макфакс

15/06/2026

16:20

224

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи и Северна Рајна-Вестфалија ја продлабочуваат соработката преку нова Заедничка декларација, насочена кон унапредување на економските и културните врски, како и поддршка на европската интеграција на Македонија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински.

На средбата, министерот Муцунски изрази задоволство што посетата претставува продолжение на интензивниот дијалог и соработка со сојузната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија и истакна дека таа претставува значаен чекор кон натамошно продлабочување на партнерството, континуирана комуникација и дополнително зајакнување на меѓусебните односи.

Соговорниците изразија задоволство од развојот на соработката на повеќе нивоа, со посебен акцент на економијата, инвестициите, внатрешните работи, образованието и културата.

Во рамки на посетата, двајцата министри потпишаа нова Заедничка декларација за намери за соработка помеѓу Владата на Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година. Со овој документ се потврдува заедничката посветеност за продолжување и натамошно унапредување на одличната билатерална соработка воспоставена со претходната декларација.

Притоа, министерот Муцунски изрази уверување дека новата Декларација ќе отвори нова фаза во меѓусебната соработка и ќе придонесе за дополнително јакнење на економските врски, поголемо поврзување на деловните заедници и создавање нови можности за инвестиции од Северна Рајна-Вестфалија во Република Северна Македонија.

Воедно, тој се заблагодари за силната и континуирана поддршка што покраината Северна Рајна-Вестфалија ја дава на европската интеграција на државата и изрази задоволство што, покрај силниот економски и инвестициски фокус, новата Заедничка декларација предвидува и поддршка во области што се во надлежност на покраината, со цел придонес кон процесот на европска интеграција и усогласување со европското законодавство.