Реал Мадрид почна да прави клучни потези за новата натпреварувачка сезона откако Флорентино Перез потврди на претседателските избори, а покрај најавените засилувања во вид на Ибрахима Конате и Дензел Дамфрис, во краток временски интервал беа потврдени уште две големи засилувања.
Жозе Мурињо веќе беше потврден како нов тренер на тимот од Реал Мадрид, а во текот на вчерашниот ден, одека и „бомба“ која никој не ја очекуваше.
Без да има било каква најава во јавноста, Реал Мадрид успеа да договори еден од најдобрите леви бекови во светот, и тоа во името на Марк Кукурелја.
Поранешниот младинец на Барселона се одлучи да направи трансфер во најлутиот ривал на неговиот матичен клуб, а угледната „Марка“ открива дека операцијата траела 48 часа.
Кукурелја го добил првиот повик од Реал Мадрид во петокот, на сцена стапил Флорентино Перез, но клучната улога ја одиграл Жозе Мурињо.
Имено, Кукурелја добил повик од „специјалниот“ во саботата и му било укажано дека ќе биде клучна фигура во неговиот проект, и тоа со следните четири зборови.
– Ти, или никој друг!
Искусниот тренер му посочил дека не гледа подобар избор од него за левата бековска позиција во неговиот тим, па за очекување е досегашниот играч на Челси да ужива голема доверба од Жозе на стартот на новиот проект.
Шпанските медиуми вчера пренесоа дека трансферот ќе чини околу 50 милиони евра, но „Марка“ сега информира дека се работи за исплата на фиксни 55 милиони евра во касата на Челси, со можност трансферот лесно да достигне и 60 милиони евра со одредени бонуси.







