Клоп лично му се извини на Нагелсман: Задутре ќе полнам 59 години, а се уште сум идиот!

Дерби

15/06/2026

11:56

292

Големина на фонт

а а а

Јулијан Нагелсман доби низа сугестии од германски легенди за тоа како треба да изгледа стартниот тим на Светското првенство, а најупорни во давањето совети беа Јирген Клоп и Томас Милер.

Двајцата како стручни аналитичари на „Магента ТВ“ привлекоа големо внимание и го советуваа Нагелсман да го игра Денис Ундав пред Џамал Мусиала, но далеку поголемо внимание привлече коментарот на Јирген.

Како еден од најсериозните кандидати да ја води селекцијата во иднина, Клоп нагласи дека Нагелсман може да биде среќен што „се уште“ го бира тимот за репрезентацијата, а бидејќи овој коментар беше оценет како омаловажувачки, поранешниот менаџер на Ливерпул доби и многу критики.

По натперварот со Курасао на кој Германија славеше со 7:1, Нагелсман беше гостин во импровизираното студио на „Магента ТВ“ на теренот, а во комуникацијата со Клоп, доби и јавно извинување од повозрасниот колега.

– Јулијан, треба да кажам уште нешто. Сфатив една работа….. Задутре ќе полнам 59 години, а јас се уште сум идиот! Треба да го искористиме ова време за да ви помогнеме. Ние неформално сме дел од тимот и целосно стоиме на твоја страна.

– Веќе го пронајдов зборот на годината кој најмалку ми се допаѓа: Тоа е „се уште“. Можев да си зададам удар во лице за тоа, но беше предоцна и бев во живо на телевизија. Лесно го изустив тоа, а зборовите немаа никаква релевантност, – изјави Клоп, по што Нагелсман опуштено му подаде рака и го прегрна.