Кинеското Министерство за државна безбедност објави драматично предупредување во кое тврди дека странски разузнавачки служби користат морски животни опремени со најсовремени сензори за собирање доверливи податоци во кинеските територијални води.
Во извештајот насловен „Под длабокото сино море се движат подводни струи“, објавен преку социјалните мрежи, официјален Пекинг наведува дека станува збор за „нов тип опрема за шпионажа“. Според наводите на министерството, целта на овие акции е кражба на чувствителни морски податоци, за да се креираат прецизни подводни мапи на кинеската крајбрежна одбрана.
„Желки и риби агенти“ пренесуваат податоци преку сателит
Во поглавјето насловено „Желки шпиони, риби шпиони“, министерството тврди дека во кинеските води биле откриени „морски животни со релативно големи димензии“, на кои биле прикачени сензори.

„Овие суштества биле забележани како пливаат во одредени специфични зони, собирајќи податоци за морската средина, како што се температурата на водата, соленоста и океанските струи. Собраните информации потоа преку сателит се емитуваат во странство“, се наведува во соопштението.

Покрај биолошките „агенти“, Кина ги обвинува странските служби и за користење високо-прецизни пловила со сензори, како и специјални механизми скриени на товарни бродови, кои во реално време ја бележат „динамиката на пристаништата“. Иако обвинувањата се директни, министерството не именуваше ниту една конкретна странска служба или држава.
Сериозна закана за националната безбедност
Пекинг предупредува дека овие податоци се користат за идентификација на „слабите точки на кинеската одбрана на бреговите“, што претставува директна и сериозна закана за националната безбедност. Министерството инсистираше на построги безбедносни контроли на опремата што пристигнува од странство и ги повика локалните рибари веднаш да пријават секое сомнително пловило или непознат механизам што ќе го пронајдат во морето.

Пекинг и западните влади веќе подолго време разменуваат обвинувања за шпионажа, што во Кина е кривично дело за кое може да биде изречена и смртна казна. Со овој потег, Кина дополнително го подига нивото на будност во рамките на својата кампања против странско влијание.







