Еднократна помош за семејствата на загинатите карпошани кај скопската обиколница

Макфакс

11/06/2026

11:20

191

Големина на фонт

а а а

Советот на Општина Карпош додели еднократна помош од 100.000 денари на семејствата на загинатите во сообраќајната несреќа на скопската обиколница, при што беа усвоени и други значајни одлуки за детската, социјалната и здравствената заштита, образованието и урбанистичките планови во општината.

Во рамки на 14-та седница со одлука на Советот на Општина Карпош, локалната самоуправа им доделува еднократна парична помош на четири семејства, чии најблиски членови загинаа во сообраќајната несреќа на скопската обиколница, која се случи кон крајот на минатиот месец.

Општина Карпош изрази искрено жалење за овој трагичен настан и како израз на солидарност кон семејствата, им доделува парична помош во износ од 100.000 денари за секое починато лице.

На денешната седница беа разгледувани и останатите осум точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока советниците ги поддржаа измените и дополнувањата на Програма од областа на детската, социјалната и здравствената заштита, а соодветни корекции претрпе и Програмата за образование за 2026 година, извести Општината.

„Мнозински консензус беше постигнат и за Предлог – Одлуката со која се утврдуваат правилата, во процесот на примена и спроведување на урбанистичките планови. Целта на оваа измена е усогласување со законските и подзаконските акти, како и заштита на јавниот интерес, подобрување на урбаната функционалност и спречување на инфраструктурното преоптоварување.

Советниците ја поддржаа Одлуката, со која локалната самоуправа спогодбено ќе преземе административен службеник, кој ќе работи на позиција раководител на Одделение за човечки ресурси во Општина Карпош. Советот даде „зелено светло“ и за Предлог – Одлуката со која се определуваат начинот и условите за давање на користење на училишниот простор, училишните кујни, трпезарии и други подвижни ствари во десетте основни училишта на територија на Карпош, како и овластување за нивно располагање. Со оваа Одлука, Општина Карпош како основач на општинските основни училишта, им го дава на користење училишниот простор кој се наоѓа во објектите на училиштата и во рамки на градежните парцели на училишните установи, како и право на управување и располагање, согласно закон и одредбите од оваа Одлука.

Позитивен епилог доживеа и Решението за разрешување на член во Управниот одбор на детската градинка „Пролет“. Имено, советниците го изгласаа Решението со кое поради престанок на мандат се разрешува член на Управниот одбор на ЈУОДГ „Пролет“ од редот на родителите, а на негово место е именуван и верификуван е нов член на Управниот одбор, кој исто така е претставник на родителите.

Со одлука на Советот, Општина Карпош ја прифаќа донацијата од Друштвото за градежништво, трговија и услуги МИЛЕНИУМ ТИМ ДОО Скопје, во висина од 1.383.409 денари. Станува збор за изработка на основен проект за улична фекална канализација со димензии Ф300мм, на ул.Франц Прешерн во населба Влае. Проектот го изработи фирмата ИПМ Стил Дооел Куманово, со ревизија на основен проект кој е заверен од ЈП Водовод и канализација Скопје и изведба на уличната фекална канализација Ф300 предвидена со проектот.

Советниците ја изгласаа Одлуката за донација од Фондацијата д-р Верица Механџиска, во вид на опремување на сензорна соба во ООУ „Лазо Трповски“. Со оваа донација директно се влијае врз подобрување на условите за работа, развој, едукација, рехабилитација и инклузија на децата со пречки во развојот“, се наведува во соопштението на Општина Карпош.