Во парк-шумата Гази Баба избувна пожар, а екипи на скопската Противпожарна бригада се на терен и работат на ставање на огнот под контрола поради условите што го олеснуваат ширењето.
Пожар избувна во парк-шумата Гази Баба, каде во моментов интервенираат екипи на скопската Противпожарна бригада.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека пожарникарите се на терен и работат на локализирање и ставање под контрола на огнената стихија.
Од местото се забележува густ чад кој се издигнува над пределот на парк-шумата, а екипите се обидуваат да го спречат понатамошното ширење на пожарот, особено поради сувата вегетација и високите температури кои го олеснуваат ширењето на огнот.
Засега нема информации за причините за избувнувањето на пожарот, ниту за евентуално зафатена површина. Надлежните служби се на терен и дополнително ќе информираат за состојбата.







