Меси собори рекорд стар 70 години

Точка

10/06/2026

17:39

344

Големина на фонт

а а а

Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Меси, продолжува да испишува историја во светскиот фудбал. Со голот постигнат на пријателскиот натпревар против Исланд, ѕвездата на Интер Мајами стана највозрасниот стрелец во историјата на аргентинската репрезентација.

Меси погоди од пенал во победата од 3:0, во момент кога имаше точно 38 години, 11 месеци и 16 дена. Со тоа, за само осум дена го надмина рекордот на легендарниот Анхел Лабруна, кој важеше уште од 1957 година. Лабруна својот последен гол за националниот тим го постигна на возраст од 38 години, 11 месеци и осум дена, во историската победа над Бразил на Маракана.

Покрај Меси, стрелци во убедливата победа на селекцијата предводена од Лионел Скалони беа Барко и Тијаго Алмада. Натпреварот послужи како последна проверка пред почетокот на Светското првенство 2026.


Со овој погодок, Меси дополнително ја зацврсти својата позиција како најдобар стрелец во историјата на Аргентина, со вкупно 117 голови на 199 одиграни натпревари (просек од 0,59 гола по натпревар). За споредба, претходниот рекордер Габриел Омар Батистута ја заврши својата репрезентативна кариера со 54 официјални голови.

Доколку Меси постигне гол и на претстојниот Мундијал, што е реално сценарио со оглед на неговата форма, овој рекорд ќе стане речиси недостижен за идните генерации.


Првата можност да го подобри сопствениот рекорд Меси ќе ја има на 17 јуни, кога Аргентина го отвора Светското првенство со натпревар против Алжир. Актуелните светски шампиони влегуваат во тој дуел со доза на претпазливост, потсетувајќи се на сензационалниот пораз од Саудиска Арабија на стартот од претходниот турнир, кој беше единствениот кикс на тимот на Скалони на патот до третата светска титула.