191 кривично дело за семејно насилство во месец мај: МВР алармира на зголемен број на случаи

Макфакс

05/06/2026

15:20

131

Големина на фонт

а а а

Во мај 2026 година беше пријавен зголемен број на кривични дела за семејно насилство во споредба со претходната година, при што најчестите дела се телесни повреди и загрозување на сигурноста. Министерството за внатрешни работи алармира за зголемување на криминалитетот и презема мерки за кривичен прогон.

Во текот на мај 2026 година биле пријавени вкупно 191 кривично дело за семејно насилство, соопшти МВР.

Ова, според полицијата, претставува зголемување од 70,5% во споредба со истиот месец од претходната година.

Најголем дел од кривичните дела биле „телесна повреда“ – 130 и „загрозување на сигурноста“ – 52 кривични дела, додека од потешките кривични дела во овој период извршено било едно убиство на подрачјето на СВР Битола и две тешки телесни повреди.

Најголем број од кривичните дела од семејно насилство во овој период биле пријавени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје – 62.

„Во текот на минатиот месец Министерството за внатрешни работи поднесе вкупно 137 кривични пријави. И во овој дел има зголемување од 71,3% во однос на мај 2025 година. Мерки на кривичен прогон се преземени против 144 сторители, а како жртви на кривичните дела се 143 лица. Во овој период, по брза постапка поднесени се вкупно 18 кривични пријави, мерка притвор е одредена за 15 сторители, а за 48 лица се изречени мерки на претпазливост. Поднесените кривични пријави по брза постапка, споредбено со истиот месец од претходната година бележат зголемување за 800%.
Во мај 2026 година регистрирани се вкупно 19 прекршоци, најчесто за „физички напад“ и „карање и викање“, како и 499 поплаки, од кои најголем број се на подрачјата на СВР Скопје и СВР Штип“.