Столе Димитриевски се обврза на верност со Валенсија и покрај тоа што имаше турбулентни 18 месеци до почетокот на оваа година, но фудбалот уште еднаш ни покажа дека носи неочекувани пресврти и тоа го видовме со ситуацијата на нашиот голман во изминатите пет месеци.
Димитриевски застана на голот на Валенсија по повредата на Агиресабала и оттогаш прикажа изданија кои направија да прерасне во херој меѓу фановите, па затоа клубот без многу размислување ја активираше клаузулата за продолжување на договорот.
Новата соработка му носи бонус од 500 илјади евра и подобри финансиски услови во наредните две години, но и шанса да продолжи да работи на исклучително врвно ниво.
Во ексклузивното интервју кое Валенсија го објави на официјалните клупски канали, Столе говори за напорната работа на тренинзите и извонредната соработка со тренерите на голманите, но во завршницата од разговорот, издвојува зборови и за македонската фудбалска репрезентација.
Македонија втор пат во низа претрпе пораз во еден бараж за Светско првенство, но голманот кој бранеше на историското Европско првенство за нашиот национален тим, се надева дека еден ден ќе ги брани боите и на фудбалски мундијал.
– Многу е тешко да изборите пласман на Светско првенство како репрезентација од Европа. Или мора да бидете први во групата, или да минете преку плејоф кој е навистина комплициран.
– После зададен удар, мора да станете и да продолжите да се борите. Имам уште една или две шанси да изборам Светско првенство и ќе направам се што е во моја моќ да се оствари тоа. Исто како со Валенсија следната сезона, јас со моите соиграчи од репрезентацијата мора да продолжам напорно да работам за да ги оствариме целите кои ги имаме зацртано, – изјави Димитриевски.







