„Google“ сака да пушти 32 милиони комарци во природата: Ќе бидат заразени со посебна бактерија, еве што е нивниот план

Точка

03/06/2026

13:10

1.490

Големина на фонт

а а а

Кој е најдобриот начин за борба против комарците што пренесуваат болести? Да се додадат уште повеќе комарци.

Барем таков е планот на научниците вклучени во програмата „Google Debug“. Истражувачите сакаат, како прв чекор, да пуштат по 16 милиони комарци во Флорида и Калифорнија. Потоа планираат истото да го повторат и следната година.

Стерилни мажјаци на слобода

Идејата популацијата на комарци да се намали со додавање уште милиони единки на прв поглед изгледа контрадикторно. Сепак, за да се разбере проектот, потребно е да се погледне против кои комарци се борат истражувачите, како и какви комарци планираат да пуштат во природата.

Накратко, станува збор за борба на „добрите“ против „лошите“ комарци.

На официјалната страница на програмата „Google Debug“ се наведува дека планот на истражувачите е да „одгледуваат стерилни мажјаци и да ги пуштаат меѓу дивите популации инсекти“.

„Кога дива женка ќе се спари со стерилен мажјак, нејзините јајца нема да се изведат. Популацијата станува сè помала со секоја нова генерација“, се наведува во објаснувањето.

Мажјаците комарци што ќе бидат пуштени ќе бидат заразени со бактеријата Wolbachia, која ги прави стерилни.


Според планот, тоа треба да доведе до два ефекти:

• следната генерација комарци треба да биде помала, бидејќи јајцата на женките ќе останат неоплодени;

• дополнителните комарци нема да значат и повеќе каснувања за луѓето, бидејќи мажјаците комарци не касаат.

Сепак, раздвојувањето на мажјаците од женките не е едноставна задача. Токму затоа истражувачите во рамки на програмата „Debug“ работат на развој на „технологии кои комбинираат сензори, алгоритми и нови инженерски решенија за брзо и прецизно сортирање на мажјаците и женките“.

„Тоа е многу лош комарец“

Но, технологијата не е единствениот предизвик. Милиони комарци не можат едноставно да бидат пуштени во природата без соодветни дозволи.

Поради тоа, компанијата „Google“ поднела барање за дозвола до Американската агенција за заштита на животната средина (EPA), а одлуката на институцијата сè уште се очекува, пренесува „DW“.

„Мета“ на програмата „Debug“ не се комарците кои природно живеат во Флорида или Калифорнија. Истражувачите сакаат да се борат против "Aedes aegypti", инвазивен вид со потекло од Африка.

Овој комарец пренесува денга треска, жолта треска, вирусот Зика и чикунгуња – болест која е проследена со исклучително силни болки во зглобовите и може да трае со месеци, па дури и со години.

Според податоците на програмата „Debug“, дури 40 проценти од светската популација се изложени на ризик од заболувања што ги пренесува токму овој комарец. Видот Aedes aegypti се проширил во тропските, суптропските и умерените региони ширум светот.


„Тоа е многу лош комарец“, вели Нејтан Буркет-Кадена, вонреден професор во Лабораторијата за медицинска ентомологија на Универзитетот во Флорида.

Бидејќи овој вид не е автохтон за Флорида, не постојат животни кои зависат токму од овој комарец како извор на храна, објаснил Буркет-Кадена.

„Доколку „Google“ почне да таргетира автохтони видови комарци, тогаш би бил загрижен поради можните последици врз животната средина“, додал тој.

Според него, бидејќи Aedes aegypti не е автохтон вид во Флорида, тоа не би требало да претставува проблем.

Сличен пристап применува и „World Mosquito Program“, организација управувана од Универзитетот „Монаш“ во Австралија. И оваа организација се бори против комарци што пренесуваат болести и во различни земји ширум светот пушта мажјаци заразени со бактеријата Wolbachia.

Вакви програми моментално се спроведуваат во Азија, Океанија и низ американскиот континент.

Поделени мислења и критики

Според податоците од мониторингот на „World Mosquito Program“, бактеријата Wolbachia се пренесува од една генерација комарци на следната, со што долгорочно се намалува бројот на единки што пренесуваат болести.

Организацијата особено истакнува дека „во подрачјата каде што е присутно високо ниво на бактеријата Wolbachia, не е забележана ниту една епидемија на денга треска“.

Поради тоа, се чини дека навистина постои начин да се намали популацијата на видот Aedes aegypti.

Сепак, останува прашањето за етиката. Дали луѓето имаат право толку длабоко да се вмешуваат во природата? Дали треба да се намалуваат популации, дури и популации на штетници, само затоа што тоа е возможно?

Ентомолозите на овие прашања одговараат потврдно.


„Поголемиот дел од видовите не им нанесуваат никаква штета на луѓето и всушност се многу интересни организми. Меѓутоа, на многу места човечките животи навистина се загрозени од инвазивни видови, а оние што се задолжени за заштита на луѓето мора да преземат мерки“, изјавил Буркет-Кадена.

Иако оваа метода се применува веќе со децении, дел од Американците се револтирани од можноста за пуштање милиони инсекти во природата и на социјалните мрежи порачуваат: „Ова мора да се запре“, пренесува „Daily Mail“.

На критиките им се придружуваат и избрани функционери. Републиканскиот конгресмен од Тенеси, Тим Бурчет, го довел во прашање фактот што една технолошка компанија е вклучена во пуштање милиони комарци, предупредувајќи на опасностите од „мешање во природните процеси“.

„Не ја нарушувајте рамнотежата на природата“, напиша тој на мрежата „X“.

Еден корисник додаде:

„Сакам сите да застанат и да се запрашаат каков интерес има „Google“ од пуштањето комарци. Тоа е технолошка компанија. Не е еколошка организација. Не е непрофитна организација. Не е државна институција. Технолошка компанија.“