Ново истражување покажува дека најголемиот подземен резервоар на вода во Европа е сериозно загаден.
Помеѓу Франкфурт и Базел, длабоко под земјата, се наоѓа богатство што снабдува повеќе од пет милиони луѓе со вода за пиење.
Меѓутоа, нова студија покажа дека овој водоносен слој е сериозно загаден. Во подземните води се откриени пестициди, остатоци од лекови и синтетички индустриски хемикалии познати како PFAS супстанции, т.н. „вечни хемикалии“.

Загаден резервоар на вода
Резервоарот се протега од Франкфурт на Мајна, преку француската граница кај Стразбур, па сè до Базел во Швајцарија. Количината на вода што се акумулира овде изнесува 150 милијарди кубни метри и одговара на зафатнина од околу 60 милиони олимписки базени.
Сепак, ова подрачје веќе подолго време е под голем притисок поради човечките активности, а прекумерната употреба на ѓубрива и пестициди сериозно ги загадува подземните води, како што покажува студијата „Ermes-II“.

На дури 96 проценти од 1500 мерни локации долж Рајна е откриен најмалку еден микрозагадувач. Најчеста причина се пестицидите, а проблем претставуваат и индустриските постројки, градовите и бројните системи за преработка на отпадни води.
Интересно е што природата досега сама „извршувала“ дел од прочистувањето. Во овие подземни води живее ракчето „Parabathynella badenwuerttembergensis“ (откриен во 2013 година), кое разградува органска материја и бактерии и така придонесува за природното прочистување.

„Коктел ефектот“ што ги загрижува научниците
На 59 проценти од испитаните места е надмината најмалку една дозволена вредност кога станува збор за водата за пиење. Особено е распространета трифлуороцетната киселина (TFA), која експертите ја нарекуваат „краен PFAS“.
PFAS хемикалиите се користат во производството на електроника, бои, автомобили и козметика. Тие се многу постојани и тешко се разградуваат, поради што го добиле називот „вечни хемикалии“.
Истражувачите предупредуваат и на таканаречениот „коктел ефект“, кога повеќе штетни супстанции се појавуваат заедно. Нивното токсично дејство тогаш е многу посилно, дури и ако се присутни во мали количини. Сепак, точните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина сè уште не се доволно истражени.






