[ФОТО] Стружанец раскажа случка со Слаткар која зборува за неговата човечност: „Бев паркиран пред твојот дом, имав дефект со колата – кога дојде...“

Точка

01/06/2026

17:12

959

Големина на фонт

а а а

Македонскиот рапер и музичар Марко Маринковиќ – Слаткаристика сподели емотивна исповед за својата долгогодишна борба со пелтечењето и за улогата што музиката ја имала во неговиот живот.

Тој откри дека како дете долго време верувал дека неговите зборови немаат доволна вредност и токму затоа почнал да пишува стихови уште од најрана возраст.

„Како дете, долго време мислев дека моите зборови не вредат доволно. Затоа почнав да пишувам стихови уште од моментот кога научив да држам молив во рака“, напиша Слаткаристика.

Подоцна, како што вели, спасот го пронашол во ритамот и музиката, кои постепено станале не само негова професија туку и животна мисија. Во својата објава зборуваше и за предрасудите и потценувањата со кои се соочувал низ годините.


„Цел живот сум се соочувал со предрасуди, потценувања и пречки од општеството, особено од оној површен и неинформиран слој“, напиша тој.

Сепак, музичарот порача дека секоја пречка може да се претвори во мотивација и инспирација, додавајќи дека неговата приказна може да им даде надеж на децата кои се соочуваат со слични предизвици и на нивните родители.

„Јас мојата пречка ја надминав кога почнав да комуницирам преку музика. Денес сум среќен што утре некој мал Марко ќе знае дека неговиот глас може да биде чуен и моќен, а некои други Лиле и Боро ќе знаат дека нивното дете може да биде сакано, прифатено и почитувано“, напиша Слаткаристика.


Неговата искрена исповед предизвика бројни реакции, а особено внимание привлече коментарот на Даниел од Струга, кој под објавата сподели лично искуство со музичарот и му се заблагодари за човечкиот однос што го добил од него.

„Еве братче, сега и јавно сакам јас да ти се заблагодарам затоа што испадна пред сè човек кон мене.

Не знам, можеби паметиш, можеби не, небитно. Пред околу три месеци бев во Државна болница во Скопје и имав дефект со колата. Бев паркиран пред твојот дом, на твојот паркинг, и кога дојде ми понуди помош, а не се испонаша ниту зошто сум се паркирал тука, ниту ми даде некоја замерка.

Со тоа докажа дека пред сè си човек и секогаш ќе ти бидам благодарен.


Секогаш што и да ти затреба во Струга можеш да сметаш на мене“, напиша Даниел.

Коментарот брзо привлече внимание кај следбениците на Слаткаристика, кои покрај неговата музичка кариера ги поздравија и неговите човечки квалитети, оценувајќи дека токму ваквите гестови најдобро зборуваат за карактерот на еден човек.