[ФОТО] Се ожени Ралф Шумахер: Му кажа „да“ на својот 14 години помлад партнер

Точка

31/05/2026

17:00

411

Големина на фонт

а а а

Поранешниот возач на Формула 1, Ралф Шумахер, братот на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер и неговиот партнер Етиен Буске-Касањ во саботата се венчале во Сен Тропе.

Според пишувањето на германскиот весник „Билд“, парот во 17:18 часот влегол во градската општина на јужнофранцускиот град, двајцата облечени во идентични темносини костуми со бели кошули и светлосини вратоврски.

Снимателските екипи на ТВ-каналот „Скај“ го следеле парот, кој е главна тема на документарецот „Ралф и Етиен – Велиме да“.


Меѓу поканетите бил и Петер Харденаке, експертот на „Скај“ за Формула 1 и колега на Шумахер, кој не го криел своето воодушевување.

„Среќен сум поради него, му ја посакувам сета среќа на овој свет. Мислам дека го пронајде вистинскиот партнер“, истакнал тој за германскиот весник.


Околу 18 часот младенците ја напуштиле општинската зграда преку задниот излез, а потоа со луксузен моторен чамец отпловиле до ресторанот каде што се одржала главната прослава.


Шумахер и Буске-Касањ се запознале во Монако, каде што размениле телефонски броеви, како што раскажал францускиот бизнисмен во документарната серија. Двајцата се заедно од 2022 година, а во една од епизодите го посетиле луксузниот хотел во кој се одржал нивниот прв состанок и се присетиле на почетоците на врската.


„Се вљубив на прв поглед“, рекол Буске-Касањ со насмевка.

„Мене ми требаше малку подолго“, додал Ралф.


Етиен открил дека на почетокот неколку пати безуспешно се обидувал да стапи во контакт:

„Му испратив две, три, не, пет пораки, но никогаш не добив одговор“.

Неколку месеци подоцна, Ралф сепак му се јавил и парот почнал да излегува. Во јули 2024 година, Шумахер јавно ја објави врската и истовремено отворено проговори за својата сексуалност.


Документарната серија „Ралф и Етиен – Велиме да“ (Ralf & Étienne: We Say Yes) се емитува на „Скај“ од 21 мај, а завршната епизода, која го следи парот на денот на нивната венчавка, ќе биде достапна од 6 јуни.