Третата сезона на „Euphoria“ ја подели публиката која некогаш во серијата го гледаше гласот на генерацијата

Точка

01/06/2026

13:30

322

Големина на фонт

а а а

Третата сезона на серијата „Euphoria“ завршува по недели поделени реакции, а дел од гледачите и критичарите сметаат дека некогашната генерациска драма отишла предалеку во бизарните заплети.

Серијата на „HBO“, во која главните улоги ги толкуваат Зендеја, Сидни Свини и Џејкоб Елорди, се врати по петгодишна пауза обележана со штрајкови, преработки на сценариото и заминувања од актерската екипа. Дејството на новата сезона ги следи ликовите пет години по средното училиште, во значително помрачна и пофрагментирана фаза од животот.

И покрај поделените критики, гледаноста е рекордна. Првата епизода во САД ја следеле повеќе од 12,3 милиони гледачи, додека глобалната публика надминала 20 милиони, што претставува раст од 68 проценти во однос на премиерата на втората сезона во истиот период.

Дел од публиката смета дека серијата ја изгубила емоционалната длабочина и препознатливост што ја имала во 2019 година. Новинарката и авторка Џес Бејкон оцени дека „Euphoria“ во овој момент е речиси мамка за гнев, наведувајќи дека потрагата по вирални сцени довела до еднодимензионална приказна. Гледачката Ив Ригби изјави дека серијата порано делувала како стилизирана верзија на искуствата на нејзината генерација, но дека третата сезона е потешко да се поврзе со реалниот живот.


Критиките се однесуваат на сè поекстремните заплети, вклучувајќи „OnlyFans“, насилни сцени на одмазда и криминални приказни, но има и такви кои тврдат дека претерувањето отсекогаш било дел од идентитетот на серијата. Поединечни обожаватели ја фалат глумата, особено настапите на Сидни Свини и Зендеја, додека терапевтот за зависности Гонзало Санчез смета дека серијата сега посилно ги прикажува срамот, траумата и сложеноста на закрепнувањето.

Коментаторот Џејмс Киркам оцени дека најголемиот проблем е четиригодишниот јаз меѓу сезоните, бидејќи публиката и интернет-културата денес се менуваат многу побрзо. Темите на идентитетот, квир-искуствата и менталното здравје, кои во 2019 година делуваа пионерски, во меѓувреме станаа дел од поширокиот мејнстрим разговор, па „Euphoria“ повеќе го нема истото културно влијание како на почетокот.