Во романскиот град Галати, руски дрон се урна во десеткатна станбена зграда предизвикувајќи експлозија и пожар. Министерството за одбрана на Романија го поврзува инцидентот со руски напад кон украински цели и ја осудува ескалацијата како сериозна закана за безбедноста и меѓународното право.
Руски дрон се урна синоќа во десеткатна зграда во центарот на романскиот град Галати, предизвикувајќи експлозија и пожар во стан на горниот кат.
Во инцидентот има повредени, но за среќа нема жртви.
Се верува дека дронот, кој влегол во романскиот воздушен простор, е дел од руски напад врз блиските украински цели. Според најновото соопштение од романското Министерство за одбрана, првичните информации укажуваат дека експлозивите во дронот Геран-2 се од руско потекло.
„Тимови експерти од Министерството за национална одбрана, Министерството за внатрешни работи и Романската разузнавачка служба ја продолжуваат истрагата во областа на станбената зграда во Галати, каде што дронот се урна утрото на 29 мај. Според првичните информации, целиот полнеж на дронот Геран-2, од руско потекло, експлодирал по ударот“, објави романското Министерство за одбрана.
Романското Министерство за надворешни работи го оцени инцидентот во Галати како сериозна и неодговорна ескалација од страна на Руската Федерација.
„Овој инцидент претставува сериозна и неодговорна ескалација од страна на Руската Федерација. Романија ќе преземе потребни дипломатски мерки како одговор на ова сериозно кршење на меѓународното право и нејзиниот воздушен простор.
Романија ги информираше земјите-членки на Европската Унија, сојузниците и генералниот секретар на НАТО за околностите и побара мерки за забрзување на трансферот на капацитети против беспилотни летала во Романија. Руската Федерација сноси директна одговорност за овие сериозни и неодговорни дејствија.
Романија ќе дејствува со најголема решителност за да го зголеми меѓународниот притисок врз Руската Федерација со цел да се постигне итно и сеопфатно прекинување на огнот“, објави романскиот министер за надворешни работи, Тоиу Оана.















