Никола Груевски, поранешниот премиер на Македонија, добил унгарско државјанство во 2022 година, што му обезбедува заштита од екстрадиција. Тој е во бегство во Унгарија од 2018 година и доби политички азил од Владата на Виктор Орбан.
Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта од 2018 година, добил унгарско државјанство во 2022 година, и тоа му обезбедува заштита од можно екстрадиција во Македонија, објави истражувачкиот портал ВиСквер, повикувајќи се на извори од владата на Унгарија.
Порталот пишува дека Груевски добил унгарско државјанство во 2022 година, врз основа на „државен интерес на Унгарија“. Според друг владин извор, се верува дека тој и натаму престојува во земјата. Тоа ја прави неговата екстрадиција во Македонија речиси невозможна.

По најавата на новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, дека земјата повеќе нема да служи како засолниште за меѓународни криминалци, поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро, кој доби азил по бегството во Унгарија во 2025 година, беше забележан на аеродромот „Њуарк Либерти“, САД во мај. Неговиот поранешен заменик Марчин Романовски, кој кон крајот на 2024 година избега во Будимпешта по обвиненија за злоупотреба на јавни средства, наводно не успеал да влезе во САД и подоцна бил забележан во Србија и Хрватска, додека полските служби трагаат по него.
Според „ВиСквер“, Груевски веројатно нема да мора да го повторува тоа сценарио. Неговата позиција е значително посигурна од онаа на полските бегалци, пишува „ВиСквер“. Додека политичкиот азил може да биде укинат, одземањето државјанство е далеку потешка правна постапка. За да му биде одземени државјанството треба да се докаже дека е стекнато со измама или корупција.

Груевски избега од Македонија во ноември 2018 година, кога беше осуден на затворска казна од две години во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен „мерцедес“ во вредност од 600.000 евра.
Владата на Виктор Орбан му одобри политички азил.
Владата нема информации за унгарското државјанство на Груевски
Премиерот Христијан Мицкоски и Владата немаат информација за тоа дали Никола Груевски има унгарско државјанство. Мицкоски даде кус одговор на прашањето дали Владата има информации за ова.
– Немаме ние таква информација, кратко рече Мицкоски.











