Австриската туристка сигурно не очекувала вакво непријатно изненадување на одморот во Хрватска.
Наместо идилично и пријатно освежување во морето, за време на пливањето ненадејно забележала отровна компас-медуза и веднаш ја извадила камерата, пишува австриски „Krone“.
Под насловот „Бидете внимателни, отровни медузи на хрватското крајбрежје“, австрискиот весник ги пренел нејзините снимки и упатил предупредување до своите граѓани кои планираат летување на Јадранот, истакнувајќи дека експертите веќе некое време го следат овој вид, кој сè почесто се појавува во северниот дел од хрватското море.

Оваа опасна блиска средба е снимена во четврток во Врсар. На снимките јасно се гледа препознатливиот изглед на оваа медуза — жолтеникаво-кафеава купола со темни пруги во форма на буквата V, додека нејзините долги пипала се и најголемата опасност за капачите.
Опасни се дури иако ги најдете мртви на плажа
Допирот со нејзините жарни клетки може да предизвика исклучително силна болка, печење, интензивно црвенило и отоци на кожата. Австрискиот медиум затоа апелира до туристите никако да не ги допираат овие животни, дури иако ги најдат насукани и мртви на плажа, бидејќи нивните клетки можат со денови да останат активни и да испуштаат отров.

Ако сепак дојде до контакт, изгореното место треба итно да се исплакне исклучиво со морска вода. Никако не смее кожата да се трие со крпа или песок, бидејќи така отровот само дополнително ќе се втрие во ткивото. Во случај на посилни реакции и потешки симптоми, задолжително треба да се побара лекарска помош.











