„NASA“ ги откри забрзаните планови за создавање на првата постојана база на Месечината. Во првата фаза, тие планови вклучуваат испраќање лунарни возила и дронови на површината на Месечината, пред пристигнувањето на астронаутите во 2028 година.
Постојаното човечко присуство на Месечината стана чекор поблиску до реалноста откако „NASA“ ги претстави првите договори за возила, дронови и товарни системи наменети за идната американска лунарна база во близина на јужниот пол на Месечината.
„NASA“ објави договори со четири американски компании помалку од два месеци откако екипажот на мисијата „Artemis II“ изврши прелет околу Месечината, летајќи подалеку во вселената отколку екипажите на програмата „Apollo“ за време на мисиите кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години.
Компанијата „Blue Origin“ на Џеф Безос ќе обезбеди два лендери наменети за транспорт на лунарни возила на површината на Месечината. Тие возила ги развиваат компаниите „Astrolab“ и „Lunar Outpost“, кои исто така добија договори од „NASA“. Компанијата „Firefly Aerospace“, која минатата година успешно слета на Месечината, ќе ги испрати првите дронови на лунарната површина, според планот што го откри „NASA“.
Од „NASA“ очекуваат опремата да пристигне пред новиот обид за спуштање астронаути на Месечината, кој е планиран за 2028 година.

Распоредот на програмата „Artemis“ и проширувањето на лунарната база
За време на мисијата „Artemis III“ следната година, астронаутите ќе вежбаат спојување на капсулата „Orion“ на „NASA“ во орбитата на Земјата со лунарните лендери што ги развиваат „Blue Origin“ и „SpaceX“ на Илон Маск. „NASA“ ја таргетира средината на 2027 година за реализација на мисијата „Artemis III“.
Карлос Гарсија-Галан, извршен директор на програмата за лунарна база на „NASA“, изјави за агенцијата „AP“ дека втората фаза од изградбата, која започнува во 2029 година, ќе биде насочена кон трајна инфраструктура, вклучувајќи и електроенергетска мрежа.
Подолги престои на астронаутите во специјализирани постојани живеалишта се очекуваат во текот на 2030-тите години.

„Тогаш ќе можеме да кажеме: ’Еј, трајно сме тука и нема да се откажеме од тоа‘“, изјави Гарсија-Галан.
Администраторот на „NASA“, Џеред Ајзакман, изјави дека програмата треба да ги поддржи научните истражувања, развојот на лунарната економија и идните експедиции кон Марс, пренесува истата агенција.







