Јужноафриканскиот диџеј „Black Coffee“ „едноставно продолжува да ја подига границата“. Педесетгодишниот музичар во петокот, на 22 мај, одржа распродаден концерт во O2 Арена во Лондон, заедно со оркестар во живо.
Блиската пријателка на „Black Coffee“, пејачката Алиша Кис, беше една од специјалните гостинки што настапија на концертот.
Тој во неделата се огласи на Инстаграм за да се осврне на успехот на вечерта.
„Овој изминат петок ме остави без зборови“, напиша тој покрај серија фотографии и видеа од концертот. „Секој мал детаљ создаде апсолутен сон, од специјалните гости до оркестарот, па хорот и изненадувањата распоредени низ целата вечер“.
„Black Coffee“, чие вистинско име е Нкосинати Мафумуло, рече: „Ова дојде од срце. Ви благодарам што ми се придруживте на ова патување во О2 Арената“.
„Black Coffee“ претходно настапувал во салата „Indigo“ на O2 Арената, но отсекогаш сонувал да стигне до главната сцена.
„Претходно настапував во „Indigo“ салата, па за мене секогаш беше голема работа да преминам во следната сала — големата“, изјави тој за „BBC“.

„Лондон со години е познат по клупската сцена. Постои многу силна врска со Ибица. Тоа е вистинска клупска заедница. Лондон е поенергичен, со повеќе грув. Затоа морав да создадам поинаков сет“.
Корисниците на социјалните мрежи го пофалија неверојатниот настап на „Black Coffee“.
„Сѐ уште немам зборови, новиот најдобар ден досега“, „ Ова беше нешто сосема поинакво! Едноставно продолжуваш да ја подигаш границата! Браво за тебе и твојот тим“, гласат дел од коментарите на фановите.

Алиша Кис исто така му упати пофалби на познатиот диџеј на својот Инстаграм профил.
„Голема љубов за мојот брат, за нашиот прв заеднички настап на една од моите омилени песни!“, напиша таа. „Лондон, многу те сакам! Секогаш ја носиш таа свежа енергија. Ваквите моменти се суштината на сѐ! Обожавав да ве изненадам, Лондон!“, гласи објавата на пејачката.






















