[ВИДЕО] Расте бројката на повредени во трамвајската несреќа во Белград: меѓу нив има и две деца

Макфакс

25/05/2026

13:00

364

Големина на фонт

а а а

Несреќа со трамвај во Белград предизвика 15 повредени, меѓу кои има и две деца. Трамвајот излетал од шините и удрил во зграда, а повредите се од полесна до потешка природа. Причините се анализираат, а повредените се згрижени во здравствени установи.

Градското сообраќајно претпријатие „Белград“ (ГСП) се огласи по несреќата со трамвајот кој излетал од шините утрово во Белград. Трамвајот КТ4, сообраќал на линија број 5 и излетал од шините, пренесуваат српските медиуми. Вкупно 15 лица се повредени, објави Првото основно обвинителство во Белград, а според службите за итни случаи, меѓу повредените имало две деца, кои биле пренесени во болница.

Како што истакнуваат, трамвајот удрил во блиска зграда, при што повредил неколку патници, како и возачот на трамвајот.

„Според досегашните информации, најголемиот број повреди се од полесна природа, додека кај двајца патници се утврдени потешки физички повреди во форма на скршени екстремитети“, се наведува во соопштението за јавноста на ГСП.

Според соопштението на Првото основно обвинителство во Белград, повредени се вкупно 15 лица, вклучувајќи го и возачот на трамвајот, и тие се згрижени во здравствени установи, според написите.

Според првичните информации, постојат индиции дека една од можните причини за настанот би можел да биде човечкиот фактор, односно неприлагодената брзина на возилото при минување низ свиок, како и проверка на положбата на самиот свиок, соопшти ГСП.

„Конечната причина и сите релевантни факти ќе бидат утврдени по завршувањето на постапката и стручната анализа. Изразуваме искрено жалење за повредата на патниците и возачот и им посакуваме на сите брзо и успешно закрепнување“, се наведува во соопштението за медиумите на ГСП „Белград“.

„Курир“ тврди дека две деца и неколку возрасни патници се повредени во страшната трамвајска несреќа која се случила наутро, околу 9:30 часот.

– Пет екипи на брза помош биле на терен и им пружиле помош на повредените. Единаесет возрасни лица биле пренесени во Ургентниот центар, додека две деца биле пренесени во Тиршова. Патниците се жалеле главно на ортопедски повреди и нивното лекување е во тек. Во овој момент, степенот на нивните повреди не може да се утврди со сигурност, дијагностиката е сè уште во тек – истакнува извор, објавува „Курир“.

Луѓе скокаат од прозорците на трамвајот?

Очевидци за „Блиц“, раскажуваат дека виделе некои патници како скокаат од прозорците на трамвајот, кој се навалил на страна за време на ударот. Лекарите од Одделот за итни случаи ги однеле некои од повредените на носилки во медицинската установа.