Дали Турција наеднаш стана остров на стабилноста?

Точка

19/05/2026

20:56

614

Големина на фонт

а а а

Војната во Иран и прекинот на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец предизвикуваат несигурност на пазарите. Турција го користи моментот и преку големи даночни олеснувања привлекува инвеститори и капитал.

Како последица на војната во Иран, ширум светот владее неизвесност во планирањето. Многу држави стравуваат од долготрајна инфлација и недостиг на ресурси. Додека заливските земји се борат за имиџот на „безбедни прибежишта“, Турција тргнува во офанзива: со големи даночни олеснувања и економски поттик Анкара пред сè сака да привлече странски инвеститори и капитал во земјата, пишува Дојче Веле.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган уште кон крајот на април го најави соодветниот пакет закони, а на почетокот на мај беше испратен во парламентот и усвоен во надлежната комисија. Целта е Турција да се направи меѓународно конкурентна и да се позиционира како атрактивна локација за странски капитал и квалификувана работна сила.


Законот е наменет за лица и компании кои во последните три години не биле пријавени како даночни обврзници во Турција и предвидува значајни погодности за нив. Оној кој својот имот од странство – девизи, злато или хартии од вредност ќе ги регистрира во Турција до 31 јули 2027 година, ќе добие 20-годишно ослободување од данок на личен доход за приходи остварени во странство.

Освен тоа, за оваа група даночната стапка за наследство и подароци се намалува на само еден отсто. Во моментов, овие стапки за наследство – во зависност од износот – се движат помеѓу еден и десет отсто, а за подароци помеѓу 10 и 30 отсто.

Дури и претходно непријавениот домашен имот може да се пријави без казна под одредени услови, на пример ако се инвестира на одреден период во домашни државни обврзници или слични инструменти.


Радикално намалување на данокот на добивка за извозниците

Секторот за надворешна трговија, исто така, треба да добие стимулација. Во март е забележано намалување од 6,4 отсто. Затоа владата сега сака да го намали данокот на добивка за домашните компании. За извозниците на стоки, даночната стапка се намалува од 25 на девет отсто, а за другите извозници на 14 отсто.

Освен тоа, владата сака истанбулскиот финансиски сектор да го развие во меѓународен конкурентен центар по примерот на Сингапур или Хонгконг. Компаниите со седиште во оваа турска метропола ќе добијат целосно ослободување од данок на профитот остварен преку меѓународна трговија, а глобалните корпорации што ќе ги преместат своите регионални седишта таму треба да бидат ослободени од даноци во следните 20 години.

Намалување на бирократијата за инвеститорите

За да ги направи инвестициите попривлечни, владата сака значително да ја намали бирократијата. Координацијата директно ќе ја преземе претседателскиот кабинет. Планирано е единствено дигитално место што ќе ги обединува и забрзано ќе ги решава сите процеси – од основање компанија, преку работни дозволи и дозволи за престој до еколошки проверки.

За време на презентирањето на пакетот закони, Ердоган изјави дека Турција повеќе не е само мост меѓу Истокот и Западот или Северот и Југот. Како што рече, земјата е неизбежен јазол за енергетски и трговски коридори во регионот. Анкара успешно ги помина кризите од последните години, поради што Турција денес е „остров на стабилност“. „Турција е на добар пат да стане еден од новите центри на моќ во еден променлив, мултиполарен свет“, додаде Ердоган.

И покрај амбициозните планови, даночните експерти како Емре Ширин ги изразија своите сомнежи. „Тоа е само обид да се добијат свежи пари. Нема повеќе пари или ресурси што можат да се исцрпат“, рече овој независен истанбулски економист и експерт за недвижности. Според него, владата ги користи сите расположливи средства за привлекување капитал.


Даночните ослободувања за странски компании и долгорочните даночни ослободувања за увезениот капитал се последни очајнички мерки. „За да не се насука бродот“, оцени Ширин. Според него, странските директни инвестиции речиси и да ги нема во земјата, додека домашните компании или банкротираат или ја напуштаат земјата.

Друга забелешка на набљудувачите е дека со мерките и за домашниот и странскиот имот, на капиталот се проверува само во ограничена мера. Ова, според критичарите, отвора врата за криминални текови на пари. Министерот за финансии Мехмет Шимшек ги отфрли овие тврдења и се повика на претходните успеси на слични програми.

Владата на АКП веќе воведе слични мерки седум пати. Во 2008 година, ваква програма била спроведена за прв пат, а потоа, според властите, повторно бил пријавен имот во вредност од 31 милијарда долари. Така, капиталот на турските граѓани бил вратен од странство и пазарот бил зајакнат, тврди министерот за финансии Шимшек.

Може ли Истанбул да стане алтернатива на Заливот?

Неизвесноста во регионот предизвикана од војната во Иран ги поттикна надежите на Турција за дополнителни инвестиции, особено како можна алтернатива на Персискиот Залив. Меѓутоа, економистот Синан Алчин, основач на истражувачката компанија „4ware Research“ и претседател на платформата „Ekonomi Istanbul“, смета дека ова е малку веројатно.

За да привлече големи странски директни инвестиции, Турција мора да ја зајакне довербата во владеењето на правото и да постигне напредок во области како што е слободата на медиумите, изјави тој во интервју за Дојче Веле во април. Многу аналитичари го делат тоа мислење и не ги гледаат планираните мерки како одржливо решение, но веруваат дека се потребни подлабоки структурни реформи.


Турција е во економска криза веќе шест години. Политиката на Ердоган на ниски каматни стапки ја турна земјата во криза во 2019 година и оттогаш бележи двоцифрени стапки на инфлација. Минатиот месец, инфлацијата изнесувала 32,4 отсто, додека во мај 2024 година, привремено надминала дури 75 отсто.

Во исто време, независните економисти се сомневаат и во овие официјални податоци на Турскиот статистички институт. Истражувачката група „ЕНАГ“ проценува дека стапката на инфлација неодамна достигнала повеќе од 55 отсто. За време на викендот, турскиот претседател со декрет го разреши директорот на националниот завод за статистика. Инаку независноста на турската централна банка е тема на меѓународни дебати со години.