Декласификацијата на документи и видео-материјали за неидентификувани летечки објекти, што ја нареди американскиот претседател Доналд Трамп, повторно ги разгоре теориите и дебатите за можно постоење на вонземски живот.
Со истата тема се занимавале и авторите на радио-емисијата „So What?“, кои поканиле експерт во гостување, без да насетат какво изненадување ги очекува.
„На гости имаме експерт“
Емисијата на аргентинската медиумска куќа „Vorterix“, која ја води Гиеле Акино, стана хит на интернет поради урнебесен гаф кога за време на видео-повик помешал уролог со уфолог.
Сè се случило во сегмент во кој присутните дискутирале за теории поврзани со вонземјани и неидентификувани летечки објекти, пренесува „La Derecha Diario“.
Според дефиницијата, уфологијата се занимава со проучување на НЛО и феномени поврзани со вонземски живот, додека урологијата е гранка на медицината специјализирана за заболувања на уринарниот систем и машките полови органи.
„Во гости имаме експерт. Каде научивте толку многу за вонземјаните?“, го прашал Акино човекот кој се наоѓал, како што изгледало, во медицинска ординација.
Изненаден, гостинот одговорил:
„Јас сум уролог, не уфолог. Слично звучи, но не е исто.“
Шок и неверување во студиото
Оваа изјава предизвикала шок и неверување во студиото, а водителите морале во живо да признаат дека направиле грешка.
И покрај непријатниот момент, докторот решил да се вклопи во атмосферата и да остане расположен.
„Дали мислите дека постои живот на други планети?“, го прашале водителите.
„Не мислам. Но, не знам, можеби постои“, одговорил лекарот со насмевка.
Снимката брзо стана вирална на социјалните мрежи, а корисниците беа поделени. Едни ја доживеаја ситуацијата како исклучително смешна, додека други ја критикуваа продукцијата на емисијата.
„Доста ми е од ерата на бесмислици“, напишал еден корисник, а друг додал:
„Штом веќе е таму, прашајте го за преглед на простата.“








