Новиот автопат на островот Реунион се гради над Индискиот Океан и важи за еден од најскапите патни проекти во светот. Цената на оваа импресивна сообраќајница достигнува неверојатни 200 милиони евра по километар.
Крајбрежниот автопат на францускиот остров Реунион се смета за еден од најскапите инфраструктурни проекти на планетата.
Станува збор за сообраќајница долга 12,4 километри која го поврзува главниот град Сен Дени со градот Ла Посесион, при што најголемиот дел од трасата е изграден на столбови среде Индискиот Океан.

Првиот голем дел од автопатот веќе е пуштен во употреба, додека крајбрежниот сегмент меѓу Сен Дени и Гранд Салу е при самиот крај. Сепак, западниот дел кон Ла Посесион сè уште е во изградба, пренесува „Revijahak“.
Централниот дел од проектот е мост долг 5,4 километри, изграден директно во морето. Тој се наоѓа на височина меѓу 20 и 30 метри над нивото на морето и е оддалечен околу 70 метри од брегот.

Патот е широк 30 метри и располага со по три ленти во секоја насока, а покрај автомобилите и автобусите, предвиден е и за пешаци и велосипедисти.
Претходно овој пат го носел името „Route du Littoral“ („RN1“) и минувал веднаш покрај стрмни карпи. Свлечишта, обилни дождови и огромни бранови често предизвикувале сериозни прекини во сообраќајот, кои понекогаш траеле и со недели.

Во моментов, околу 70.000 возила дневно ја користат делницата што веќе е отворена за сообраќај.
Поради исклучителната техничка сложеност на проектот, но и проблемите со набавка на материјали, дошло до значителни доцнења и огромен раст на трошоците.
Иако првично било проценето дека проектот ќе чини околу 1,6 милијарди евра, сега се очекува конечната сума да достигне приближно 2,5 милијарди евра.

Тоа значи дека цената изнесува околу 200 милиони евра по километар, поради што овој проект често се наведува како најскапиот пат во светот.
Завршувањето на целиот проект се очекува до 2030 година.







