[ВИДЕО] Хаос низ целиот свет: Луѓе се тепаат, полицијата ги растерува со солзавец – сè поради часовник

Точка

18/05/2026

16:07

1.761

Големина на фонт

а а а

Швајцарскиот производител на часовници „Swatch“ мораше да затвори неколку свои продавници ширум светот откако се прошири вистинска еуфорија околу новата колекција часовници создадена во соработка со луксузниот бренд „Audemars Piguet“.

Манијата околу популарните часовници не покажува знаци на забавување. Новиот модел на „Swatch“, наречен „Royal Pop“, е создаден во соработка со швајцарскиот луксузен бренд „Audemars Piguet“, чии основни модели се продаваат по цена од околу 20.000 евра.

Од официјалното лансирање во саботата, десетици илјади луѓе ширум светот чекаат во редици со надеж дека ќе успеат да купат модел кој се продава по релативно „достапна“ цена од 385 евра.

Некои примероци веќе се препродаваат онлајн и за суми до 16.000 евра, пишува „Euronews“.

Уште од петокот, огромни редици луѓе се формираа пред продавниците на „Swatch“ во повеќе градови, меѓу кои Женева, Њујорк, Лондон, Париз, Лион и Милано.

Во некои случаи, љубителите на часовници кампувале пред продавниците и до една недела пред официјалното пуштање во продажба.

Но, како што често се случува со производи што се доживуваат како „лимитирано издание“, побарувачката далеку ја надминала понудата, по што на повеќе локации настанал вистински хаос.

Во Париз, полицијата употребила солзавец во обид да воспостави ред во една продавница.

Во Милано, според локалните медиуми, дошло и до физички пресметки и тепачки во моментот на отворањето на продавницата.

Продавниците биле преплавени со потенцијални купувачи и во Холандија, како и во повеќе градови низ Велика Британија, што го принудило „Swatch“ привремено да затвори дел од своите продажни места.

Швајцарскиот производител на часовници потоа апелирал граѓаните да останат смирени, а купувачите ги повикал „да не брзаат масовно кон продавниците за да го купат производот“, додавајќи дека не станува збор за колекција со ограничено издание.